Пијанистот Дино Имери ќе ја изведе Бетовеновата Деветта симфонија

Фотографија: Владо Србиновски

Бетовеновата Деветта симфонија воодушевила, трогнала и влијаела на многу луѓе низ историјата, а меѓу нив и титанот на пијаното – големиот Франц Лист, кој повеќе од 15 години работел на аранжманот што за првпат ќе го слушнеме во Македонија во изведба на врвниот пијанист Дино Имери.

Лудвиг ван Бетовен (1770-1827) е несомнено еден од најголемите композитори во историјата на човештвото. Неговото богато творештво изобилува со дела кои благодарение на нивната чистина, иновативност и вредност не само што го издржале тестот на времето, туку и останале како дел од цивилизациското културно богатство. Неговата музика допрела, трогнала и воодушевила милиони луѓе, а извршила огромно влијание врз бројни автори кои во неа ја виделе најблескавата ѕвезда од бескрајниот музички свод.

Дело кое без сомневање се смета за едно од најголемите достигнувања во историјата на музиката е Бетовеновата Деветта Симфонија во d-moll оп. 125. Оригиналниот ракопис на авторот (кој се наоѓа во Берлинската државна библиотека) во 2001 година влегува во листата на зачувување на Светското културно наследство на Обединетите Нации. Ништо поврзано со ова монументално дело не е случајно, па така Деветтата симфонија со право се смета и за најголемото дело од целокупниот опус на Бетовен.

Лист своевремено почнал со својата сериозна задача – да ги адаптира Бетовеновите симфонии од оркестар за пијано – но, очекувано застанал на Деветтата. Во писмо до неговите издавачи ќе напише: „После многу експериментирање во различни насоки, не можев да ја демантирам невозможноста да се направи задоволителен и ефективен аранжман на четвртиот став.“

После бројните неуспешни обиди, во 1850 година успева да направи аранжман за две пијана. Одлучува да се обиде уште еднаш, овојпат успешно користејќи ги најновите иновации на инструментот и начинот на свирење. Целиот сет аранжмани на сите девет симфонии од Бетовен конечно ќе доживеат издавање во 1865 година. Денес, аранжманот на Деветтата симфонија се смета за едно од најкомплексните дела кои може да се изведат на пијано.

Македонската премиера на овој аранжман во изведба на Дино Имери (1990), пијанист кој критиката ќе го нарече „магионичар на пијаното“, ќе се одржи на 8 ноември, во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија.

Во својата досегашна кариера Дино Имери бележи успеси низ концертните подиуми во цела Европа, соработува со еминентни уметници и оркестри, а потпишува и бројни дискографски изданија.

Имери е доцент на Факултетот за музичка уметност – Скопје при УКИМ, а добитник е на бројни награди и признанија за својата професионална дејност и хуманитарна работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот