Петров: Стартап компаниите сочинуваат 50 проценти од портфолиото на ФИТР и иднината им припаѓа на нив

Коста Петров / Фото: МИА

Анализите спроведени од страна на Стартап Македонија, под покровителство на Фонд за иновации и технолошки развој со која беа опфатени над 80 стартапи од Северна Македонија и повеќе од 29 организации за поддршка и инвеститори, денеска беа презентирани на онлајн платформата Зум на која како говорници присуствуваа директорот на ФИТР Коста Петров, Нина Николиќ од Стартап Македонија, претседателот на Асоцијацијата Стартап Македонија, Дејан Алексов и Игор Маџов, програмски директор на Стартап.

Според презентираните податоци, над 70 отсто од стартап компаниите во државата, во фазата на развој на бизнисот имаат потреба од дополнителни финансиски средства, што токму тогаш ја добиваат од Фондот.  Речиси 62,7 проценти од домашните стартапи апилицирале на повиците за кофинансирање, а 60 отсто од нив добиле финансиска помош од Фондот за иновации и технолошки развој.

Според спроведените истражувања, најзастапена индустрија е софтвер за претпријатија со 24 проценти, а најголем пораст бележи здравствената индустрија односно од 3 отсто во 2016 година со скок на 12 проценти во 2021год, на стартап компании кои започнуваат бизнис.

Анализата покажува дека кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19 и не е толку загрижувачка за стартапите и оргнизациите кои ги поддржуваат, напротив за време на пандемијата 40 осто стартапи имале можност за раст и развој на бизнисот,  додека еден од три стартапи имаат забележано негативен ефект.

Во однос на возраста, податоците покажуваат дека 45 отсто од стартапите се основани од лица од 28 до 35 години. Во Северна Македонија, еден од три стартапи е основан од страна на жена (66.6 проценти), податок кој бележи голем прогрес.

– Истражувањето е од големо значење за државата бидејќи главната цел беше  да се мапира моменталната состојба на македонскиот стартап екосистем, да ги детектираме предизвиците со кои се соочуваат стартапите во фазите на развој, кои вештини им се потребни за напредок во бизнисот и на што треба да се фокусираат. Стартап компаниите сочинуваат над 50 проценти од портфолиото на ФИТР и верувам дека иднината им припаѓа токму на нив, истакна Петров во своето излагање.

Тој посочи дека во последните шест месеци Фондот има направено сериозни промени, преку формирање на Национален Стартап совет, со кој полесно се спроведува начинот за финансиска поддршка, нуди квалитетно менторирање, како и пристап до дополнителни средства од најуспешните банки.

– Стартапите се главен двигател во една економија и сигурен сум дека работејќи заедно, наскоро ќе ја позиционираме Северна Македонија како центар за стартапи и иновации во регионот, додава директорот на ФИТР.

Стартапите покажуваат изразени силни и слаби страни во некои области, според интервјуираните инвеститори и организации, тие се во добра фаза на развој на производ, но недостасува суштинско знаење и вештини за да напредуваат во подоцнежните фази.

На презентацијата беше заклучено дека соработката помеѓу стартапите и организациите кои ги поддржуваат бележи значително подобрување и треба да се задржи, бидејќи пред три години 50 отсто од нив се соочувале со недостаток на соработка, а денес се помалку од 15 проценти.

– Фрагментираност на стартап екосистемот беше една од најголемите забелешки во истражувањето во 2017 година. Сега слободно можам да кажам дека ова се надминува, бидејки е зголемена комуникацијата и размената на информации помеѓу чинителите. Се бележи значителен развој во делот на понуди за поддршка на стартап компаниите, a за во иднина треба да се работи на подобрување и на законската регулатива која ќе олесни водење на бизнис од тука, истакна Алексов.

Заклучоците од спроведеното истражување резултираат со тоа дека стартапите треба да се фокусираат кон усовршување на продажните вештини, со цел да ги зголемат приходите, да бидат подготвени за инвестиција, односно да го надградат знаењето за тоа како да го зголемат својот бизнис.

Говорниците истакнаа дека од друга страна, потребно е поголемо учество на големите корпорации, бидејќи, како што велат,  тие можат да го зголемат нивото на „know-how”, имаат подостапни мрежи и поголем капитал во екосистемот.

На 28 мај најавен е Стартап Самит, во организација на Стартап Македонија под покровителство на ФИТР, на кој ќе се идентификуваат и можностите за остварување на подовра соработка помеѓу стартапите и клучните страни на екосистемот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот