Еквадор апсење EPA/JOSE JACOME

Петмина уапсени поради наводен обид за атентат врз претседателот на Еквадор

Пет лица се уапсени во Еквадор поради наводен обид за атентат врз претседателот на земјата, Даниел Нобоа, објави денес владата на земјата.

Канцеларијата на претседателот објави дека уапсените ќе бидат обвинети за тероризам и обид за атентат, пишува Би-Би-Си.

Организацијата Конахе, која го предводеше националниот штрајк, тврди дека притворените биле „произволно уапсени“.

Протестите, започнати поради укинувањето на субвенциите за дизел, траат повеќе од две недели, со маршеви и блокади на патиштата.

Конахе рече дека еден демонстрант е убиен, а неколку припадници на вооружените сили се повредени, додека владата ги опишува постапките на демонстрантите како „криминални“.

Група од околу 500 луѓе го нападна автомобилот во кој патувал Нобоа синоќа.

Според министерката за животна средина и енергетика, Инес Маркано, група луѓе фрлале камења кон претседателското возило додека Нобоа се приближувал кон локација во покраината Кањар, каде што требало да присуствува на однапред закажан настан.

Еквадор апсење
EPA/JOSE JACOME

Според неа, на автомобилот биле забележани и дупки од куршуми.

Министерката подоцна официјално поднесе извештај за обидот за атентат врз Нобоа.

Претседателот не бил повреден, а пет лица биле приведени, додаде Маркано.

Само пред три дена, еквадорскиот претседател Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба во десет од 24-те покраини во земјата поради внатрешни немири предизвикани од протестите на домородните заедници поради зголемувањето на цените на дизелот.

Меѓу причините за воведување на мерките, кои ќе важат 60 дена, тој ги наведе неодамнешните изјави на претседателот на Националната конфедерација на домородни народи, Марлон Варгас, кој предупреди дека протестите би можеле да ескалираат и да доведат до окупација на главниот град Кито, доколку не бидат исполнети нивните барања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот