Фото: ОФМ

Петар Јовановски: Уште сме под импресии од успехот, но немаме време и најтешкото допрва доаѓа“

Одбојкарите неодамна со победата против Грузија обезбедија пласман на уште едно Европско првенство, четврто во низа, а сите наши пласмани дојдоа во период кога Петар Јовановски е предводник на федерацијата .

Првиот човек на ОФМ, со голема гордост зборува за овој подвиг, но и потенцира дека вистинските предизвици допрва следуваат.

„Главната и основна цел да се задржи континуитетот на настапи на Европските првенства е исполнета. Горд сум на овие момци, на оваа генерација која несебично се дава и се бори за одбојката да го достигне ова ниво на кое сме во моментов. Имавме напорно, долго и топло лето, во кое се она што беше поставено како амбиција е исполнета. Настапот во Европската Златна лига Македонија го заврши со најдобар резултат досега и обезбеди опстанок во ‘златното’ друштво и следната година. Од викендов потврдено е и учеството на четвртото ЕП во низа – презадоволен сум. Федерацијата и Управниот одбор направија се за репрезентацијата да има беспрекорни услови за работа, а довербата е оправдана на најдобар можен начин. Ова е успех на одбојкарите, на стручниот штаб и селекторот Јошко Миленкоски, а потоа и на Управниот одбор, канцеларијата на ОФМ и секој кој на било каков начин помогна во комплетниот процес. Секако, не смееме да ја заборавиме публиката! Без нејзината поддршка и инспирацијата која ја дава од трибините овој успех немаше да биде комплетен. Министерството за спорт ги препознава нашите резултати и ни дава дополнителен ‘ветер во грб’. Пресреќен сум и презадоволен. Емоциите се уште силни“, вели Јовановски.

Со пласманот на Европското првенство не завршува работата, напротив, следи еден од најважните процеси: подмладување на репрезентацијата. Селекцијата ќе влезе во нов циклус со свежа крв, а ЕвроВолеј 2026 ќе биде прв сериозен тест за новата генерација.

„Уште сме под импресии на успехот, но од друга страна свесни сме дека ќе мора многу брзо да се консолидираме и да се фатиме за работа, затоа што тешкото допрва доаѓа. Имаме промена на генерација во репрезентацијата, а патот за младите е веќе трасиран. Европското првенство ќе биде првиот сериозен тест за нив, на кое ќе треба да се покажат и да го продолжат она што оваа генерација го создаде. Имаме потенцијал и верувам во светла иднина, која е во рацете на младите. Ние како Федерација ќе направиме сè за да добијат најдобри можни услови за подготовка за ЕП, а потоа сè е на нив. Имаме малку време за оддишка, ќе ги почекаме противниците во октомври, а потоа со сите сили кон ЕвроВолеј“, заклучи претседателот на ОФМ.

ВИДЕО: Одбојкарите по пласманот на Европското првенство заиграа и оро

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот