Пет сценарија за исходот од војната во Украина

Владимир Зеленски, Владимир Путин / Колаж: Слободен печат. - Иван Самарџиев

Руските воени сили на 24. февруари извршија инвазија врз Украина, и во деветтиот ден од борбите сè уште не се наѕира крајот на воените дејствија иако се вмеша и дипломатијата, но веќе започнаа да се прават проекциите за тоа како ќе се одвива и како ќе заврши конфликтот.

Иако иднината не може да се предвиди, посебно кога станува збор за воен судир, политичарите и воените експерти го предвидуваат исходот од руската инвазија и повеќето од нив се мрачни. Би-Би-Си пишува за пет можни сценарија од војната во Украина.

Кратка војна

Според ова сценарио, Русија ги зголемува воените операции со неселективни артилериски и ракетни напади. Руските воздухопловни сили кои досега играа мала улога би можеле да започнат разорни воздушни напади. Руските хакери би започнале масовни кибернетски напади кон клучната украинска инфраструктура. Снабдувањето со енергија и комуникациските мрежи би биле прекинати.

Во ова сценарио и покрај храбриот отпор, Киев би паднал за неколку дена откако животите ќе ги загубат илјадници невини жртви. Владата во Киев тогаш ќе се замени со марионетски режим. Претседателот Зеленски или е убиен или бега во западна Украина или во странство, за да формира влада во егзил. Рускиот претседателот Путин прогласува победа и повлекува дел од војската, оставајќи доволно сили во Украина за да ја држи земјата под контрола. Илјадници бегалци продолжуваат да бегаат на запад, а Украина станва марионеска држава како Белорусија.

Овој исход во никој случај не е невозможен, но ќе зависи од промените на неколку фактори: руските сили да имаат подобри резултати, повеќе од тие сили да бидат распоредени и да избледне борбениот дух на Украинците. Рускиот претседател Владимир Путин може да „издејствува“ промена на власта во Киев што би значело крај на западната интеграција на Украина, но, секоја проруска влада би била нелегитимна и ранлива на бунт во иднина. Таквиот исход би останал нестабилен и веројатноста за повторно избивање на конфликтот би била голема.

Долга војна

Второто сценарио предвидува судирот во Украина да прерасне во долга војна. Можеби руските сили се заглавени, попречени од нискиот морал, лошата логистика и несоодветното раководство и потребно им е повеќе време за да го освојат Киев чии бранители борбата би ја пренеле на улиците низ главниот град. Тоа сценарио би ги „отворило сеќавањата“ од руската интервенција во Грозни во 1990-тите години.

Дури и кога руските сили би имале одредено присуство во украинските градови, можеби би се борелеза да ја задржат контролата. Можеби Русија нема доволно војници за да ја задржи цела Украина под контрола. Одбранбените сили на Украина преминуваат во герилска војна со добро мотивирани војните кои се поддржани од локалното население и од Западот кој обезбедува оружје и муниција.

И тогаш, можеби по многу години, со можеби новото раководство во Москва, руските сили на крајот би ја напуштиле Украина со наведнати и крвави глави, исто како што нивните претходници го напуштија Авганистан во 1989 година.

Европска војна

Во третото сценарио војната се прелева надвор од границите на Украина. Владимир Путин би можел да се обиде да врати територии од поранешната руска империја со испраќање војници во поранешните советски републики како Молдавија и Грузија, кои не се дел од НАТО алијансата. Исто така би можел да прогласи дека снабдувањето со оружје од Запад за украинските сили е акт на агресија што бара одмазда. Тој може да се закани дека ќе испрати војници во балтичките земји кои се членки на НАТО како Литванија, за да воспостави копнен коридор до руската ексклава Калининград.

Ова сценарио е опасно бидејќи Русија би ризикувала да влезе во војна со НАТО. Според членот 5 од повелбата за територијалниот интегритет, нападот врз една членка е напад врз сите земји на НАТО. Но, Путин би можел да преземе ваков ризик доколку почувствува дека тоа е единствениот начин да „се спаси“. Доколку се соочува со пораз во Украина, тој можеби ќе биде во искушение дополнително да ја ескалира ситуацијата, а со досегашните потези покажа дека е подготвен да ги прекрши долгогодишните меѓународни правила.

Истата логика може да се примени и за употребата на нуклеарно оружје. Минатиот викенд Путин нареди да се стават руските нуклеарни сили на повисоко ниво на воена готовност. Повеќето аналитичари се сомневаат дека тоа значи дека нивната употреба е веројатна или неизбежна. Но, тоа беше потсетник дека руската доктрина дозволува можна употреба на тактичко нуклеарно оружје.

Дипломатско решение

Дали, и покрај се, сепак можно е дипломатско решение?
– Сега зборуваат пушките, но патот за дијалогот секогаш мора да остане отворен – изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Францускиот претседател Макрон разговараше со претседателот Путин, а и останатите дипломати ги отвораат каналите за комуникација. Дури и започнаа преговори помеѓу руски и украински претставници. Можеби не е постигнат напредок, но со самиот почеток на преговорите е знак дека Путин е подготвен за прекин на огнот.

Клучното прашање е дали Западот може да понуди излез од кризата. За дипломатите е важно Путин да знае што е потребно за укинување на санкциите наметнати од ЕУ, САД, Обединетото Кралство и сојузниците, така што договорот за зачувување на образот на рускиот претседател е можен.

Дипломатското сценарио е реално во очите на политичарите бидејќи досегашниот тек од војната во Украина не оди според очекувањата на Путин иако тој вчера го рече спротивното. Санкциите почнаа да даваат некаков ефект, опозицискиот фронт против Путин се зголемува и тоа додека телата од убиените војници се враќаат дома. Путин можеби проценува дека продолжувањето на војната може да биде поголема закана за неговото владеење отколку понижувањето со завршувањето на војната.

Кина може да се вмеша и да изврши притисок врз Москва да направи компромис, заканувајќи се дека нема да купува руска нафта и гас доколку ситуацијата не се смири и тоа би го натерало Путин да бара излез. Во меѓувреме, украинските власти гледаат на континуирано уништување на нивната земја и заклучуваат дека политичкиот компромис може да биде добро решение. Така, дипломатите се ангажираат и договорот е постигнат. Украина, да речеме, го прифаќа рускиот суверенитет над Крим и делови од Донбас. За возврат, Путин ја прифаќа украинската независност и нејзиното право да ги продлабочува врските со Европа. Ова сценарио можеби не изгледа веројатно, но сигурно не смее да се отпише.

Падот на Путин

На почетокот од инвазијата врз Украина, Путин изјави „Ние сме подготвени за каков било исход“, што би се случило ако исходот е губење на моќта. Иако можеби изгледа незамисливо, сепак, во последните денови светот се промени и сега се размислува дури и за негов пад. Професорот Сер Лоренс Фридман, почесен професор по воени студии на кралскиот колеџ во Лондон, оваа недела напиша „Сега е веројатно дека ќе има промена на режимот во Москва како и во Киев“.

Зошто може да го каже ова? Па, можеби поради податокот дека Путин води катастрофална војна во која животите ги губат илјадници руски војници, а економските санкции ги погодија обичните граѓани во Русија. Поради тоа Путин ја губи поддршката од народот и не е исклучено дури да дојде и до бунт.
Во ова сценарио, Западот јасно кажува дека доколку Путин си замине од власта и биде заменет со поумерен лидер, тогаш би биле укинати дел од и би се обновиле дипломатските односи. Неверојатното сценарио дури предвидува крвав пуч во Кремљ.

Заклучок

Овие сценарија може и да се комбинираат и да дадат различни резултати. Но, како и да се одвива овој војната во Украина, едно е сигурно, светот се промени. Односот на Русија со надворешниот свет ќе биде поинаков и најверојатно ќе се трансформираат европските ставови за безбедноста, пишува Би-би-си во својата анализа на можните сценарија од исходот на војната во Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот