Песимистичко сценарио за климатските промени, Франција се подготвува за затоплување од 4 степени

Париз лани беше на удар од 40 степени - Фотографија ЕПА, Кристоф Пти Тесон

Министерот за економија вели дека најоптимистичките прогнози се дека температурата во француските градови до 2100 година ќе бидат 2 степени над прединдустриското ниво, а реалните се дека ќе бидат повисоки за околу 4 отсто

Додека светот сѐ уште настојува да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 до 2 Целзиусови степени над нивото пред индустриската револуција, француските власти почнаа подготовки за соочување со последици од најпесимистичкото сценарио – зголемување на просечните температури за 4 степени.

Министерот за еколошка транзиција Кристоф Бешу истакна дека француската влада не е убедена дека светските влади ќе ги исполнат обврските што ги презедоа на светските конференции за климатските промени, на чело со Парискиот климатски договор, во кој беа дефинирани граничните температури. Министерот додава дека најоптимистичките прогнози се дека температурата во француските градови до 2100 година ќе бидат 2 степени над прединдустриското ниво. Реалните прогнози, сепак, се дека просечните температури ќе бидат повисоки за околу 4 отсто.

– Ако сите земји во светот не ги интензивираат, и тоа драстично, своите напори за намалување на емисиите на штетни гасови, на пат сме глобалната температура да го надмине прединдустриското ниво за помеѓу 2,8 и 3,2 степени. Тоа би значело дека температурите во Франција ќе се зголемат за 4 степени, бидејќи Европа се загрева побрзо – изјави Бешу во интервју за неделникот „ЖДД“.

Елисејската палата го смета ова сценарио за „најпесимистичкото“, но министерот додава дека тоа сепак е реално и дека превентивните и реактивните мерки треба да бидат насочени кон ваква ситуација.

Министерството за еколошка транзиција изготви план за јавни консултации, кои би им помогнале на надлежните власти да ги дефинираат ризиците и следствено да изградат стратегија за постепено прилагодување. Консултациите ќе помогнат и да се утврдат понатамошните цели за намалување на емисиите на штетни гасови.

– Не можеме да избегаме од реалноста на глобалното затоплување. Затоа мораме конкретно да се подготвиме како да се соочиме со неодминливите последици за нашите животи и за нашата земја. Сакаме на нашата земја да ѝ трасираме јасен пат што треба да го следиме – изјави Бешу.

Изминатата година беше најтоплата во Франција откако се мери температурата на почетокот на 20 век. Министерот предупреди дека на крајот на овој век, Франција мора да биде способна да се соочи не само со просечно затоплување од 4 степени, туку и со долги и сурови топлотни бранови во јужните региони, кои може и по три месеци без прекин да бидат изложени на опасни жештини. Зголемувањето на просечната температура во исто време би значело периоди на катастрофални суши, како и повремени и интензивни поројни дождови што би предизвикале поплави.

Научници од универзитетот Екситер во исто време предупредија дека на крајот од векот „најпесимистичкото сценарио“ што го очекува Франција ќе биде реалност за региони во кои денес живеат милијарди луѓе, односно 22 отсто од глобалното население. Тие тврдат дека температурата на површината на Земјата ќе се зголеми просечно за 2,7 степени, што се поклопува со проекцијата на Париз. Зоната што е дефинирана како ризична за смртоносни жештини опфаќа населби со 600 милиони луѓе во Индија, со 300 милиони луѓе во Нигерија, 100 милиони во Индонезија и по 80 милиони во Филипините и во Пакистан.

– Таквото затоплување темелно ќе ги промени условите за живеење и може да резултира со миграции и реорганизација на населбите. Затоплување од секој 0,1 степен изложува на опасни жештини по 140 милиони луѓе – објаснува водечкиот автор на истражувањето, Тим Лентон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот