Пендаровски: Со поголема вклученост на жените во безбедносниот сектор ќе се подобри функционирањето на институцијата

Пендаровски се обрати на Регионалната конференција за род и безбедност – Скопје 2024/ Фото: Кабинет на Претседател

Повеќе истражувања и извештаи покажуваат дека жените имаат важна улога во градењето на стабилно и демократско општество. Со поголемо вклучување на жените безбедносниот сектор, и тоа на сите нивоа само ќе се подобри функционирањето на институцијата во целина. Затоа што на таков начин се засилуваат внатрешната кохезија и потенцијалот на безбедносните институции поуспешно да ги реализираат уставните и законските обврски, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќање на денешната регионална конференција посветена на родот и безбедноста организирана од ОБСЕ и од ОДИХР.

-Дали ние воопшто можеме да зборуваме за вистинска човекова безбедност без поголемо учество на жените во безбедносниот сектор? Дали една институција може реално да ги третира сите граѓани како еднакви пред законот доколку во нејзините редови постојат двојни стандарди на штета на жените? Конечно, дали полицијата може да придонесе кон борбата против дискриминацијата во државата ако истовремено ја толерира културата на дискриминација кон жените во своите редови? Искуствата од најразвиените држави покажуваат дека полициските службенички и припаднички на полициските единици можат многу успешно да разрешуваат ситуации што вклучуваат родово-базирано и семејно насилство каде што жртвите се жени и деца, вели Пендаровски.

Иако конференцијата е посветена на жените во полицијата, Пендаровски посочи дека како врховен командант, првпат во нашата историја поставил жена за аѓутант.

-Како претседател настојувам да постои родов баланс како на пониските, така и на повисоките позиции во мојот кабинет. А сето тоа го правам бидејќи на тој начин сакам да придонесам за унапредувањето на родовата еднаквост во Северна Македонија. Добро е што не почнуваме од нула. Мисијата на ОБСЕ дава поддршка преку Програмата за родово менторирање за полицијата, што веќе почнува да дава резултати и да носи промени во институционалната култура на МВР. Но, оваа програма не треба да биде само еднократна активност, туку дел од стандардната институционална обука во Министерството, порача Пендаровски.

Пендаровски заклучи дека оваа конференција се одржува во пресрет на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, бидејќи, како што вели, има за цел да ни помогне да се вратиме на автентичното разбирање на овој важен ден. А тоа е постигнување на вистинска родова еднаквост во секој сегмент од општеството, вклучително и во безбедносниот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот