Пендаровски на средба со Азуле: Македонија придава големо значење на соработката со УНЕСКО

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, по повод 30-годишнината од членството на Македонија во организацијата.

На средбата, како што информира Кабинетот на претседателот се дискутирало за можностите за проширување на соработката преку реализација на проекти од областите на културата, образованието, науката, животната средина, информатичко- комуникациските технологии, програмите за млади, граѓанското општество и човековите права.

Претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава придава големо значење на соработката со УНЕСКО, ги промовира и учествува во нејзините активности и иницијативи, а реализира активна и конструктивна соработка со другите држави членки на оваа организација, се вели во соопштението.

Тој се заблагодарил за тоа што УНЕСКО го препознава значењето на македонскиот поет Ацо Шопов и се вклучи во одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање, оценувајќи го како признание за вредностите што Шопов ги промовирал преку неговото богато творештво.

Пендаровски од вчера присуствува на одбележувањето на два јубилеи во Франција, 100 години од раѓањето на знаменитиот македонски поет Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО.

Настаните се одржуваат во седиштето на УНЕСКО во Париз. Дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот