Пендаровски: И ние како Шопов сме соочени со дилемата – Дали нашето време е мртво за поезија?

Фото: Принтскрин

Прославуваме два големи јубилеи. Сто години од раѓањето на знаменитиот македонски поет Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО. Овие исклучително значајни пунктови во нашиот социо – културен развој нѐ потсетуваат дека задачата на уметникот отсекогаш била да поставува критички прашања во светот и за светот и времето во кое живее. Книжевниот корпус на нашиот великан Ацо Шопов е парадигма за тоа дека поезијата и севкупната уметност не припаѓа само на естетското, туку е длабоко вкоренета во етичкото и хуманото, порача претседателот Стево Пендаровски на денешното чествување по повод 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.

Настанот се одржува во седиштето на УНЕСКО во Париз. Дел е од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Пендаровски.

Тој се осврна и на денешното време и на вештачката интелигенција што може да создаде текстови што имитираат големи книжевници.

Дали ова време што го живееме и чии граници човештвото ги раширува фантастично смело и фантастично брзо, не е и време што ја убива поезијата? Ова е време на научни достигнувања, што ја оставаат зад себе и најсмелата и најбогатата фантазија. Време на технички чуда и роботи што можат за неколку мига да напишат песна што ќе ги задоволи сите естетски барања. Дали нашето време е мртво за поезија или пак таа е мртва за него? Со овие зборови, Ацо Шопов ги отвори првите струшки вечери на поезијата во далечната 1962 година. Далечна, а сепак блиска, затоа што додека зборуваме, алгоритмите на вештачката интелигенција веќе генерираат текстови што ги имитираат големите книжевници. Шумот на социјалните мрежи и медиуми ја нарушува тишината неопходна за уметничко промислување и согледување на светот, рече Пендаровски.

Вели дека и ние како и Шопов сме соочени со дилемата – „Дали нашето време е мртво за поезија?“ Чуму ни се поетите и уметноста.

Одговорот би можеле да го бараме во животот и творештвата на Шопов. Иако најважните пораки во неговата поезија не се експлицитно кажани, туку се сугерирани, вели претседателот во своето обраќање.

Во рамките на програмата, со што се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, што се доделува во соработка со УНЕСКО.

Република Северна Македонија е членка на УНЕСКО од 1993 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот