Пендаровски и Османи се обратија на годишниот Амбасадорски совет

Фото МИА

Претседателот на државата Стево Пендаровски, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска преку видео-врска се обратија пред амбасадорите и шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, во рамки на годишниот Амбасадорски совет, што се одржува во организација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.

Пендаровски во обраќањето направил кус осврт на состојбите на внатрешно-политички план оваа година, посочувајќи на економските предизвици и енергетската криза, како и борбата против корупцијата.

Во контекст на надворешно-политичките аспекти, соопштија денеска од кабинетот на Пендаровски, тој говорел за почетокот на преговорите со ЕУ, обидите за враќање на довербата во евроинтеграцијата и зголемување на поддршката за членство во Унијата, како и за натамошните чекори во преговорите.

Се осврнал и на војната во Украина и ситуацијата во регионот од безбедносен аспект при што го нагласил позиционирањето на Северна Македонија во поширокиот регион и засилениот фокус на Европската Унија кон регионот. Претседателот Пендаровски говорел и за претстојното македонско претседавање со ОБСЕ, како и потребата од зајакнување на билатералните соработки со земјите во кои се акредитирани шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва.

Од Министерството за надворешни работи истакнуваат дека тој во воведното обраќање се осврнал на клучните успеси на дипломатијата во 2022 година, која ја одбележа руската инвазија врз Украина со сите импликации произлезени од неа од политички, безбедносни и економски карактер.

-Годинава беше година на силни потреси и предизвици во меѓународните односи, на глобално и европско ниво, но и сериозно турбулентен период во рамки на нашиот регион. Северна Македонија, како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ со отпочнати пристапни преговори, одбра конструктивен и проактивен пристап за справување со глобалните предизвици, наметнувајќи се како активен и доверлив НАТО сојузник, кредибилен партнер на Европската унија со целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика и стабилен меѓународен партнер, посветен на зајакнување на стабилноста и просперитетот на регионот, рекол Османи.

Министерот нагласил дека суштествен дел од Амбасадорскиот совет бил посветен на насоките на дипломатското делување за следната година во контекст на главните надворешно-политички приоритети на нашата држава.

-Од сите наши дипломатско-конзуларни претставништва, во 2023 година очекуваме засилен, организиран и координиран ангажман во исполнување на зацртаните надворешно-политички цели и активности, истакнал Османи.

Од МНР соопштуваат дека пред амбасадорите и генералните конзули на Северна Македонија во странство, се обратил и претседателот на државата Стево Пендаровски, а ќе се обрати и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

На Амбасадорскиот совет е направен осврт на позначајните активности во 2022-та година, а проектирани се и активностите и проектите за 2023-та година.

-Меѓу темите кои доминираа на овој традиционален состанок на министерот за надворешни работи со шефовите на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во странство беа: добрососедските односи и регионалната динамика, нашата ЕУ агенда, продлабочувањето на билатералните односи со европските држави, активностите во доменот на економската дипломатија, односите со нашите стратешки партнери, Стратешкиот дијалог со САД, сојузништвото во рамки на НАТО Алијансата, известуваат од МНР.

Освен овие теми, се разговарало и за претседавањето со „САД – Јадранската Повелба (А5)”, со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и ОБСЕ претседавањето во нестабилниот геополитички контекст предизвикан од руската инвазија на Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот