Парното нѐ смрзна пред да нѐ згрее

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Граѓаните не ги интересира кој ќе произведува, кој ќе испорачува и од каде ќе се набави гас или мазут. Сакаат топли радијатори, топли домови! И сакаат да престанат натегањата надлежен – ненадлежен, крив – прав. На граѓаните им треба сигурност дека нема да бидат изиграни и премрзнати

Енергетска криза, скапа струја, изгор дрва за огрев, секојдневни ценовни шокови со храната – од лошо полошо, со најава дека ќе биде и бетер, и згора на тоа уште секирации кај граѓаните што се греат на парно дали зимава ќе смрзнуваат или не. Не за друго, да си знаат со време треба ли да се опремат со дебели ќебиња (додека и ним не им рипнала цената) или да ги извлечат од орманите на мајките и бабите заборавените јамболии како алтернатива за топлење. Оти како тргнало, секоја идеја за греење е добредојдена.

До официјалниот почетокот на грејната сезона останаа уште точно 16 дена. На 15 октомври скопјани треба да се разбудат во пријатно загреани домови, со топли или со млаки радијатори во зависност од временските прилики. Така беше досега. За жал, годинава, сѐ до овој момент, освен ветувања од надлежните дека парно ќе има и предупредувањата од БЕГ дека нема да грее, ништо конкретно не се знае. Оттука, сосема е разбирлива загриженоста на граѓаните за тоа што ли ќе ги снајде претстојнава есен и зима.

Од БЕГ порачаа дека немаат обврска да продолжат со вршење на дејноста во новата грејна сезона, што значи да испорачуваат топлинска енергија, но и дека немаат правна основа да располагаат со топланите, ниту, пак, имаат финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија. Со тоа самите себеси си „скокнаа в уста“ затоа што на двапати претходно, последниот пат пред десетина дена, им соопштија на своите потрошувачи дека според член 51 од Законот за енергетика, БЕГ до изборот на нов вршител за снабдување со топлинска енергија има обврска да ја врши дејноста и да доставува фактури за топлинска енергија до потрошувачите.

На истиот закон се повикаа и Владата и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, кои го потсетија БЕГ дека мора да си ја врши работата додека не се избере нов економски оператор. Од Владата тврдат дека скопјани ќе имаат парно и дека во моментов се привршуваат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија. Велат дека работат на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени, односно дека го бараат „најдоброто решение за обезбедување најниска цена на гас или мазут за да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното“.

Тоа значи дека во моментов, како што се вели, ѓаволот ја однел шегата! Пред почетокот на грејната сезона уште не се знае ни кој ќе го замени БЕГ, кој од јуни е без лиценца, ниту, пак, дали има доволно ресурси за производство на топлинска енергија. Барем Владата донесе одлука да се одобрат околу 18 милиони евра за ЕСМ за снабдување со топлинска енергија.

Но, се знае кој плаќа. Граѓаните! До нив редовно (дури и предвреме) стигаат сметките за парно со нова покачена цена. И мора да си ги платат! Оти само за граѓаните обврските се задолжителни.

Епа, и граѓаните сакаат да ја добијат услугата за која плаќаат. Искрено, нив ич не ги интересира кој ќе произведува, кој ќе испорачува и од каде ќе се набави гас или мазут. Сакаат топли радијатори, топли домови! И сакаат да престанат натегањата надлежен – ненадлежен, крив – прав. На граѓаните им треба сигурност дека нема да бидат изиграни и премрзнати.

Статистиката покажува дека во Скопје околу 60.000 домаќинства и фирми се греат на парно. Тука се и сите градинки и училишта во Центар и во Карпош, како и повеќето во Аеродром. Овие потрошувачи немаат друга алтернатива за греење, освен евентуално струја. А што ќе се случи ако сите тие останат без парно и во своите домови вклучат печки, панели, инвертери, греалки. Ќе го издржи ли тоа скопската електромрежа?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот