Панорама на современата ирска поезија содржи поетскиот избор „Восторг“

Неодамна, во издание на „ПНВ Публикации“ беше објавена двојазична панорама на современата ирска поезија „Восторг – избор од современата ирска поезија / Rapture – A Selection of Contemporary Irish Poetry“. Изборот и препевот од англиски јазик е на Јулијана Величковска.

Во збирката се застапени десет современи ирски поети со по пет песни, избрани од нивните поетски памфлети што беа објавени од страна на „Саутворд едишнс“, издавачката куќа на Литературниот центар „Мунстер“ од Корк, Ирска, со поддршка на Советот за уметност на Ирска.

Станува збор за стихозбирки што ја освоиле или биле во потесен избор за наградата „Луд за поезија“ во последните неколку години. Во овој избор застапени се песни на Грег Деланти, Џон Фицџералд, Викторија Кенефик, Роушин Кели, Бернадет Маккарти, Пол Макмахон, Џон Ми, Одри Малој, Џејмс О’Лери и Бреда Спајт.

– Станува збор за широка палета автори од Ирска, некои од нив се добро познати имиња на ирската и на европската книжевна сцена, со многубројни награди и признанија за нивното творештво, но меѓу нив има и млади дебитанти, чиишто успеси допрва, несомнено, ќе следуваат. До соработката дојде по моето гостување на „Cork Spring Literary Festival“ во 2011 година, кога запознав многу квалитетни поети од Ирска, чиишто дела се трудам да ги доближам до домашната публика.

Пред овој избор, во 2016, заедно со Василка Пемова ја преведовме збирката „11 Ирски поети – избор од современата ирска поезија“, а минативе неколку години преведов и избор песни од Патрик Котер, Џери Марфи, како и стихозбирката „Жолтата куќа“ од Вилијам Вол. Во план е дел од застапените автори во оваа збирка да гостуваат на „Поетска ноќ во Велестово“ во 2023 г., исто како што во 2016 г. учествуваа и четворица поети од првиот избор.

Сметам дека ваквата културна размена нѐ поврзува и нѐ доближува со современата ирска книжевност, но и дека го помага развојот на домашната книжевна сцена – посочи авторката на изборот Јулијана Величковска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 116, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот