Пандев: Катастрофа е нашата прва фудбалска лига, нема помош од ФФМ, смешни се цените на играчите

фото: EPA-EFE/Koen van Weel

Горан Пандев, македонската фудбалска легенда беше гостин на „Моцарт спорт“ и зборуваше за својата професионална кариера.

Нашиот поранешен репрезентативец говореше за своите први фудбалски чекори во Струмица, неговиот идол Дејан Савичевиќ, за преселбата од Беласица во милански Интер, најголемите успеси со „нераѕурите“, за италијанската Серија А, за состојбите во македонскиот фудбал, како и за националната А репрезентација.

Дали македонскиот фудбал го искористи тој резултат (пласманот на ЕП 2020) за да напредува или нè се врати како што беше?

– Жал ми е што велам, но сè се врати на старото. Во Фудбалската федерација на Македонија работат луѓе кои не се заинтересирани за фудбал. Отидовме на ЕП, но не искористивме ништо од маркетинг, спонзори… Кај нас се случува екипи да го откажат учеството во лигата една недела пред почетокот на сезоната. Тоа е вистински срам. Луѓето гледаат само на личниот интерес. Жал ми е и се надевам дека нема да чекаме уште 30 години за да влеземе повторно на некое големо натпреварување, но мислам дека сме на лош пат со овие луѓе. Не е проблем репрезентацијата, туку помладите селекции каде играат деца кои не заслужуваат да играат. Условите за игра се катастрофални.

Дали имате амбиција тоа да го промените или да поддржите некој што тоа би го променил?

– Немам амбиција да бидам претседател на федерацијата. Но, сакам нашиот фудбал да се спаси од овие сегашни луѓе. Тие се погрешни луѓе. И јас имам свој клуб во Македонија, изградив спортски центар, сакам да вложам мои пари и да им помогнам на помладите категории… Но, кога работиш со вакви луѓе, треба да се свртиш настрана. Има и други спортисти кои му мислат добро на фудбалот, но тука политиката премногу навлезе.

Колку е тешко да ги вложите вашите пари во таква средина?

– Искрено, да се вратам 10 или 15 години наназад, не би го направил истото… Не би инвестирал во првиот тим, туку само во помладите категории. Нашата прва лига е катастрофа. Немате помош од федерацијата, немате маркетинг, цените на играчите се смешни…Федерацијата потпишува договор за ТВ права, а клубовите не добиваат ништо. Ама што ќе правиш…Ќе продолжиме, ќе се бориме и ќе ги чекаме вистинските луѓе.

Целото интервју на Пандев за „mozzartsport.com“ можете да го прочитате на линкот ТУКА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот