Овечкин го мина Јагр на вечната листа голгетери во НХЛ лигата

Алекс Овечкин руши рекорди во НХЛ лигата/ фото: EPA/MARK GOLDMAN

Чехот беше меѓу првите што му честита на Русинот, па потоа на шега најави враќање во најсилната хокејарска лига

Ѕвездата на НХЛ тимот Вашингтон капиталс Александар Овечкин го мина легендарниот Јаромир Јагр на вечната листа најдобри стрелци во најсилната хокејарска лига, постигнувајќи го својот 767. гол во кариерата, на домашен терен, во мечот со Њујорк ајлендерс. Ова беше 37. гол на Русинот сезонава.

– Ова значи многу, за клубот, за фановите за моето семејство што ме гледа во Русија. Многу сум среќен. Убаво е да се биде голгетер број еден на сите времиња, што се однесува до играчи кои доаѓаат од Европа – изјави Овечкин по мечот.

Капиталс го добија мечот со 4-3. Ова беше 1.256. меч во кариерата на Овечкин.

Овечкин (36) сега е на третото место на оваа листа и заостанува зад најдобриот голгетер на сите времиња Вејн Грецки за 127 гола. Грецки има постигнато 894 гола во 1.487 меча. Второпласиран на оваа листа е Горди Хау со 801 гол во 1.767 меча.

Чехот Јагр (50) има постигнато 766 гола во 1.733 меча во своите 24 сезони во НХЛ лигата. Јагр кој се уште игра, во клубот Кладно во чешката Екстралига чиј сопственик е, беше меѓу првите што му честита на Овечкин.

– Продолжи да даваш голови, затоа што, како што знаеш се уште не сум се пензионирал и има шанса да се вратам во НХЛ и да те „бркам“ – му порача Јагр.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот