Отворен првиот германски терминал за течен гас

Првиот германски терминал за течен гас (ЛНГ) беше отворен во северното германско пристаниште Вилхелмсхавен, а канцеларот Олаф Шолц по тој повод изјави дека овој терминал ќе ја намали зависноста на Германија од рускиот гас.

– Со овие и други терминали за ЛНГ во изградба, Германија ќе стане независна од рускиот гас од гасовод – изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на терминалот за ЛНГ во Вилхелмсхавен, северозападна Германија.

Германскиот канцелар ја пофали брзата изградба на терминали за течен гас што треба да ги замени испораките на природен гас од Русија.

– До пред само неколку месеци беше незамисливо до крајот на годината директно да увезуваме течен гас. Ова е најавената брзина со која сакаме да ја изградиме потребната инфраструктура – рече Шолц. Тој рече дека кога ќе се изградат другите три терминали во Лубмин, Брунсбутел и Стад, ќе може да се зборува за енергетската независност на Германија.

На отворањето на терминалот во Вилхелмсхавен присуствуваа и министрите за енергетика и економија и финансии Роберт Хабек и Кристијан Линднер.

– Денеска сме чекор поблиску до енергетска независност – рече министерот за економија и вицеканцелар Роберт Хабек.

Претставниците на германската индустрија го поздравија отворањето на првиот германски ЛНГ терминал, но укажаа на потребата од изградба на нови.

– Сè уште сме далеку од тоа да бидеме безбедни од недостиг на гас, затоа треба да се задржи брзината на изградба на нови терминали – рече претседателот на Здружението на германските индустријалци (БДИ) Зигфрид Русвурм.

Еколошките здруженија протестираа против отворањето на терминалот за ЛНГ.

– Ние сме среде климатска криза и наместо да работиме брзо за да излеземе од зависноста од гас, нафта и јаглен, во моментов доживуваме масовно враќање на фосилните извори на енергија – рече претседателот на еколошкото здружение Бунд Карли Диец.

Досега Германија немаше терминали за увоз на течен гас, а одлуката за изградба е донесена по рускиот напад на Украина и драстичното намалување на испораките на руски гас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот