Откривање на културните димензии на одржливоста на 33. Ликовна колонија Галичник

Во прекрасниот амбиент на Галичник од 21 до 28 август ќе се одржи 33. издание на Галичката ликовна колонија, а темата, целта и имињата на учесниците ги открива кураторката Ана Франговска.

Ликовната колонија годинава ќе ја потврди својата тенденција на имплементација на предностите на новата ера во античкиот амбиент на Галичник, како додавање ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија. Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак.

– Постојаните мешања и меѓунационалниот белег, македонската гордост: културата на нашата земја и меѓународниот дух и културата на другите, различните; односот меѓу историјата, природата, фолклорот и традицијата со современата и урбана анемија на постмодерната уметност, ја формираат и дефинираат Ликовната колонија Галичник како специфика не само на национален, туку и на регионален план. Квалитативниот императив е структурен елемент во систематската формална поставеност на оваа важна манифестација, а таа е потврдена со високото позиционирање на колонијата. Несебичната посветеност и ентузијазам во име на продолжување на долгогодишната културна традиција на селото Галичник и Реканскиот крај и во име на квалитетната нововременска уметност, воопшто, и секако аспектот на размена на искуства и знаења и човечки ресурси се главните постулати на колонијата – истакнува Франговска.

Секоја година колонијата има тема, а оваа година фокусот е ставен на одржливоста, како многу популарна, но истовремено и многу проблематична именка во современите уметности. Зошто е ова важно за глобалниот процес на (еколошката) менталната трансформација кон поодржливи општества? Специфичните уметнички практики, како што е еколошката уметност, и секојдневните практики, како што е пешачењето, ја илустрираат релевантноста на естетиката на одржливоста.

– Поимот „неодржливост“ ги карактеризира повеќедимензионалните аспекти на современата глобална цивилизациска криза. Повеќето автори кои пишуваат за оваа криза ги истакнуваат нејзините еколошки, социјални и економски параметри. Помалку автори разговараат за неговите културни димензии. Одржливоста, сфатена како процес на пребарување, треба да се однесува на сите димензии на неодржливоста, вклучувајќи ја и нејзината културна димензија. Зборот има неколку контрадикторни дефиниции, особено во зависност од тоа дали некој сака да ги нагласи „границите на (економскиот и индустрискиот) раст“ или верува во чудесната моќ на технологијата бесконечно да ги „заменува“ необновливите природни ресурси. Од културна перспектива, одржливоста може да се сфати како потрага по алтернативни групи на вредности и знаења за светот, реформирање на „modi cognoscendi“ и формирање на разбирање на обрасците што ги поврзуваат економските, социјалните, политичките, културните и еколошките димензии на реалноста. Според тоа, културната димензија има основна вредност за целиот процес на пребарување на одржливоста – заклучила Франговска.

Разговарање, размислување и дејствување, регионално и пошироко, по ова прашање во рамките на селото Галичник е целта на учесниците на овогодинешната сесија на Ликовната колонија Галичник 2022. Нејзини учесници се: Марта Стисјак – Полска, Правдолуб Иванов – Бугарија, Ласе Лоренцен – Данска, Зоран Тодоровиќ – Србија, Валентин Стефаноф – Бугарија, Нина Ковачева – Бугарија, Игор Сековски – Македонија, Славица Јанешлиева – Македонија и Гоце Наневски – Македонија.

Сите уметници се со веќе завидни биографии и огромно искуство во современата уметност во светот, претставници на своите земји на престижното Венециско биенале и, секако, уметници со исклучително меѓународно излагачко реноме.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 142, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот