Османи: Политичките партии во Бугарија ги „киднапираа“ односите меѓу двете земји

Фото: Гласот на Америка

Министерот за надворешни работи Бујар Османи не отстапува од ставот дека реториката од Софија се должи пред сѐ на претстојните парламентарни избори, но и дека она што се случува сега е класично киднапирање на односите од страна на политичките партии на Бугарија.

– Со цел да капитализираат на следните избори, а фактот што нема политичка влада, веќе подолго време, овозможи бришан простор за конзервативни идеи, во бугарското општество да може да излезат на површина и да ја диктираат динамиката. Тие конзервативни моменти вообичаено, една политичка влада ги потиснува, затоа што, тие, штетат не само во државите, туку и воопшто на меѓународната позиција на односите меѓу државите, вели Османи во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

Според него, за жал, во Бугарија, недостатокот на таа политичка капа овозможува излегување на површина на некои радикални елементи, кои што се обидуваат постојано да го провоцираат нашето општество. А тој самиот, како што вели, се обидува ние да не потпаднеме во тие стапици, и да направиме грешки по патот, затоа што за нас е најважно да остане имиџот меѓу 26-те земји-членки на ЕУ, кој што засега, е беспрекорен во однос на сите наши политики и постигнувања.

На прашањето дали е оптимист годинава да се случат уставните измени или стравува од ново „заглавување“ на ЕУ интеграциите, Османи објаснува дека уставните измени поради многу причини се во наш интерес.

– Прво, затоа што даваме нов правец на односите со Бугарија, односно на македонско-бугарските односи. Од нивните обиди, тие односи да се стават по капа на историјата, ние даваме нова димензија дека во Уставот јасно се дефинирани мнозинскиот македонски народ и бугарската малцинска заедница, и тоа го трасира патот, каков ќе биде долгорочниот однос меѓу двете заедници во регионот и во Северна Македонија. Втората причина е затоа што тоа ни го определува патот кон ЕУ, изјави Османи.

Како што додава, неможноста да ги усвоиме уставните измени значи кочење на европскиот процес на ЕУ-преговорите.

– Tој што ќе ги предизвика дури и од позиција на опозиција во моментов, да знае дека кога ѝ да се случи да бидат на власт ќе мора да поминат низ уставните измени. Ниту една влада ниту едно општество, не може да издржи притисок на закочени долгорочни ЕУ-перспективи. Ниту една држава во регионот на Западен Балкан нема добра перспектива, без европска перспектива. Зошто одложување, кочење на тој процес на штета на граѓаните, кога, знаете дека еден ден ќе мора да поминете низ тој пат. Меѓутоа, тогаш ќе бидат изгубени многу години, а поставените прашања на маса ќе бидат уште потешки и попроблематични, порачува Османи.

Тој не гледа причина зошто „да не смогнеме сили и да постигнеме натпартиски консензус во однос на прашање кое е во национален интерес, на Македонците, и на сите останати граѓани во целина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот