Оскари 2022: Прогнози за можни победници на најзначајната филмска церемонија

Фаворит во категоријата за најдобар режисер се чини дека е Џејн Кампион со вестерн-драмата „Моќта на кучето“

Љубителите на филмот со нетрпение го очекуваат 94-тото доделување на наградите „Оскар“ за 2022 година. В недела, на 27 март, шоуто ќе го водат комичарките Реџина Хол, Ејми Шумер и Ванда Сајкс. Потегот е обид на продуцентите на церемонијата да привлечат нови гледачи по рекордно ниската гледаност минатата година. Престижната церемонија нема домаќин од 2018 година.

Во меѓувреме, филмските критичари веќе излегоа со свои прогнози околу победниците. Фаворит во категоријата за најдобар режисер се чини дека е Џејн Кампион со вестерн-драмата „Моќта на кучето“, за кој има дури 12 номинации за овогодишните награди, и тоа за најдобар филм, режија, адаптирано сценарио, актер, две номинации за најдобар спореден актер и за најдобра споредна актерка, најдобра кинематографија, продукција, музика, звучни ефекти и монтажа.

Кампион е првата жена што двапати е номинирана за најдобар режисер. Филмот, во кој глумат Бенедикт Камбербач и Кирстен Данст, ја раскажува приказната за ранчер што љубомори на својот неодамна оженет брат. „Моќта на кучето“ победи и во двете најважни категории на британските награди БАФТА, за најдобар филм и за најдобра режија.

Вреди да се спомне и „Вози го мојот автомобил“, тричасовното ремек-дело на Јапонецот Рјусуке Хамагучи, што според критичарите е фаворит во категоријата за најдобра фотографија на филм. Освен во оваа, влегува и во други од најважните категории за Оскар, како за најдобро приспособено сценарио, најдобар режисер и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Во филмот, Хидетоши Нишиџима глуми театарски режисер и вдовец, чиј живот драматично се менува кога прифаќа да работи на драма што ќе го поттикне да размислува за животот на неговата покојна сопруга.

Во категоријата за најдобра актерка, пак, номинирани се Џесика Частејн со „Очите на Тами Феј“; Оливија Колман со „Изгубената ќерка“; Пенелопе Круз со „Паралелни мајки“; Никол Кидман со „Рикардовци“ и Кристин Стјуарт со „Спенсер“. Се чини дека Частејн го доби статусот на овогодинешен фаворит по освојувањето на САГ-наградите, но некои критичари веруваат дека и Стјуарт е веднаш зад неа и дека ништо не се знае.

Во машката категорија за најдобар актер, пак, се очекува актерот и пејач Вил Смит да ја понесе наградата за филмот „Кралот Ричард“, а ова е уште поочекувано со оглед на тоа дека би му бил прв Оскар.

Иако документарецот „Летото на душата“ веќе е добитник на БАФТА-награди, се смета дека данскиот филм „Болва“ на режисерот Јонас Поер Размусен има предност бидејќи е номиниран и во категоријата за најдобар анимиран филм. „Летото на душата“ ја раскажува приказната за легендарниот културен фестивал Харлем во 1969 година и промовира гордост и единство на афроамериканците, а „Болва“ ја обработува тематиката за слободата на говорот и претставувањето на ЛГБТ-заедницата.

Инаку, американската Академија за филмски уметности и науки ќе бара од учесниците на доделувањето на Оскарите да покажат докази за вакцинација против коронавирусот и најмалку два негативни ПЦР-теста. И изведувачите и водителките ќе мора да поминат строги тестирања, но нема да мора да покажат доказ за вакцинација. Номинираните и нивната придружба нема да мора да носат маски и ќе бидат сместени во делот за оркестар и партерот на театарот „Долби“, во кој ќе бидат поканети 2.500 луѓе. Оние што ќе бидат сместени на мезанинот, ќе седат многу блиску еден до друг и најверојатно ќе мора да носат маски.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 25 март 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот