Осаменото чудовиште – осврт кон премиерната изведба на претставата „Франкенштајн“ во ТДМ

Фотографија: Театар за деца и младинци

Театарот за деца и младинци (ТДМ) во Скопје на 6 јули премиерно ја изведе претставата „Франкенштајн“, работена по мотивите на делото на Мери Шели, а во режија на гостинот од Србија Кокан Младеновиќ.

Претставата „Франкенштајн“ носи модерно читање на романот на Мери Шели, напишан пред 200 години, во кое се вткаени различни принципи на дискриминација што се случуваат во актуелното општествено секојдневие.

Во претставата се внесени низа новитети во однос на сценското дејство и минималистичкото, речиси, телеграфско раскажување на оригиналната приказна која е надградена со авторски и документаристички толкувања на сегашноста со употреба на хип-хоп изразот.

Во плетењето на приказната на еден мал простор се наоѓаат луѓе кои имаат слични, дури и исти согледувања на општествената стварност и на тој начин претставата добива синергија во креативниот израз. Тематските карактеристики на делото на Шели, кои се движат во просторот на амбицијата, ужасот од креацијата, одмаздата, но и осаменоста и потребата за љубов и припаѓање на чудовиштето што го создал Виктор Франкенштајн, служат како шлагворт кон актуелизирање на одредени девијации во општественото опкружување, а кои се однесуваат на дискриминација на одредени групи со различен изглед, вера или сексуална определба. Практично, претставата се занимава со темата за создавање чудовишта во секојдневието и нивното општо неприфаќање.

Режисерот Кокан Младеновиќ максимално ги ставил во функција своите соработници Димитрије Коканов и Драгана Лукан Николовски, кои со драматургијата многу прецизно ја водат публиката низ приказната. Минималистичката сценографија и дизајнот на светло на моменти даваат мрачен амбиент на сцената, но точно го следат фокусот на дејството. Костимографот Александра Пециќ Младеновиќ со своите креации им дава готски изглед на ликовите, но костимите се раскошни и повеќеслојни.

Колективната игра со очигледна синергија на сцената е дело на актерите Никола Наковски, Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Ненад Митевски. Подеднакво добро ги изведуваат и деловите од приказната на Франкенштајн и индивидуалните моменти со хип-хоп израз, кој претставува излез во општественото секојдневие. Ангажираните стихови за рап-песните се на Никола Ристески, а првпат како композитор на музика за театарска претстава се појавува Лука Кантарџиев.

Претставата е наменета за возраст 14+, но се препорачува и на повозрасни групи, бидејќи основната порака на претставата е да се соочиме со сите „чудовишта“ што ги создава општеството, да ги отфрлиме сите стравови што ни се всадени уште од детството и да престанеме да ги полниме главите на помладите генерации со предрасуди за различностите. Една од тие различности е и чудовиштето на Франкенштајн, кое умира во осаменост и тага само затоа што е такво создадено.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 186, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот