Општините Кисела Вода и Бутел се чистат од диви депонии

Општините Кисела Вода и Бутел се чистат од диви депонии, Фото: Фејсбук

Работници ангажирани од страна на Општина Кисела Вода и Општина Бутел деновиве интензивно работат на расчистување на дивите депонии на повеќе локации во овие скопски општини.

Имено, како што информираат од Општина Кисела Вода, продолжува генералното чистење  на повеќе локации а денеска сезонските работници работат на потегот кој го следи Јужен булевар до местото викано Рампа, каде започнува Кисела Вода. Како што објаснуваат од Општината, се работи за гранична улица со Општина Центар, во чија околина е насобрана огромна количина на комунален смет. За оваа локација, како што велат оттаму, иако е под надлежност на друга локална самоуправа, до Општина Кисела Вода секојдневно пристигнуваат бројни поплаки за нехигиена. Токму затоа објаснуваат од општината, од утрово таму се косат тревни површини, се мете, со камион се расчистува наталожениот смет, со цистерна се перат улиците и тротоарите.

Наша обврска е на граѓаните да им овозможиме чиста и здрава животна средина. Во конкретнава ситуација, Јужниот булевар е само на 200 метри од булеварот Борис Трајковски, кој е главна артерија на Кисела Вода, но и на Скопје. Нам ни е важно како изгледа и влезот на нашиот дом и самиот дом- изјави градоначачникот Орце Ѓорѓиевски.

Инаку, во текот на вчерашниот ден, темелно беше исчистен и Паркот на бранителите во Драчево. Тука, слободното време го поминуваат голем број наши сограѓани со своите дечиња, па посебно внимание се обрна при чистењето на детските игралишта и просторите предвидени за детска игра. Секако, и тука не изостана метењето на лисјата, собирањето на отпадот, перењето на пешачките патеки. Според најавите, генералното чистење на општина Кисела Вода продолжува и во наредниот период.

И Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски на социјалните мрежи објави фотографии од веќе исчистените локации во општината. Станува збор за места каде што несовесни граѓани исфрлале секаков вид на шут и отпад.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот