„Опседнатиот од ѓаволот“ Болсонаро со страв и закани ја брани претседателската фотелја

Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро зборува на митинг во Жуаз де Фора/фото: EPA-EFE/Andre Coelho

Закани – Екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро заостанува во анкетите и навести дека нема да се откаже од власта доколку биде поразен

Кампањата за октомвриските претседателски избори во Бразил официјално започна минатата недела со стравувања од политичко насилство и можни инциденти пред и по изборите бидејќи актуелниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро, кој заостанува во анкетите, навести дека нема да се откаже од власта доколку биде поразен од левичарот и поранешен татко на нацијата, Луис Инасио Лула да Силва.

Првичните анкети покажуваат дека Лула има 12 отсто предност пред актуелниот претседател, кој доколку загуби се соочува и со судски прогон.

Стравувањата дека ќе има насилство станаа реалност уште во првите денови од кампањата кога приврзаниците на Болсонаро нападнаа два собири на Лула, фрлајќи измет и урина врз поддржувачите на поранешниот претседател. Насилството веќе ја однесе и првата жртва – во градот Фоз де Игуасу бил убиен функционер на Работничката партија која го поддржува Лула.

Политичарите и меѓународните набљудувачи стравуваат дека политичкото насилство ќе ескалира пред изборите што се закажани на 2 октомври и на кои освен претседател ќе се избираат членови на Конгресот како и 27 државни гувернери.

Болсонаро пред почетокот на кампањата ја заостри и реториката порачувајќи им на странските дипломати дека бразилскиот електронски систем за гласање не е доверлив и им нареди на воените офицери да го следат кодот што се користи во повеќе од половина милион гласачки кутии.

– Постои вистинска причина за загриженост бидејќи, иако политичкото насилство е реалност во Бразил, ситуацијата е влошена поради начинот на кој Болсонаро промовираше насилен дискурс за за решавање на политичките конфликти – веи Пабло Нуњес, шеф на политичката група Цесек.

Страв од судски прогон

Воинствената реторика на Болсонаро, според експертите е поради можната затворска казна ако загуби на изборите.

Според анонимни извори од неговиот штаб, претседателот бил исплашен од шансите на Лула на октомвриските избори.

– Тој го прави ова за да го оттргне вниманието од вистинските проблеми на земјата и да ја исплаши опозицијата. Исто така ова е еден вид на подготовка за повикување на насилство доколку ги загуби изборите или за добивање моќ во евентуалните преговори за амнестија за него и неговото семејство. Поради тоа мора да покаже сила – смета Фелипе Борба, координатор за истражување на политичко насилство при Универзитетот Унирио во Рио де Жанеиро.

Болсонаро веќе се најде на удар на Конгресот поради катастрофалното справување со пандемијата на коронавирусот во која починаа 680.000 Бразилци. Конгресот го обвини претседателот за девет кривични дела, вклучително и злосторства против човештвото, а исто така се соочува со обвинение за ширење лажни вести.

Неговиот одговор беше закана дека ќе го затвори Конгресот порачувајќи им на своите гласачи дека „само Бог може да го отстрани“.

Поранешниот претседател Луис Инасио Лула да Силва е противкандидатот на Болсонаро / Фото: EPA-EFE/Fernando Bizerra

Болсонаро е опседнат од ѓаволот

Поранешниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва официјално ја започна својата кампања за враќање на претседателската фотелја со говор во Сао Пауло и во кој жестоко го нападна неговиот ривал тврдејќи дека е „опседнат од ѓаволот“.

– „Ако има некој опседнат од ѓаволот, тоа е Болсонаро – рече Лула.

Лула кампањата ја започна со Сао Пауло, градот во кој го започна подемот во политиката во 1960-тите години и во првиот говор ги повика гласачите да го казнат Болсонаро за неговото негирање и лажење на нацијата за време на пандемијата на коронавирусот во која животот го загубија повеќе од 680.000 Бразилци.

Анкетата која беше направена пред стартот на кампањата покажа дека поранешниот претседател има предност од 12 отсто пред Болсонаро кој пред 4 години оствари убедлива победа на изборите, но налути многу гласачи со неговото катастрофално справување со пандемијата на коронавирусот. Првичните анкети покажуваат дека Лула дури може да победи во првиот круг со повеќе од 50% од гласовите, но набљудивачите на кампањата сметаат дека Болсонаро ќе заработи политички поени од одлуката за социјална помош на повеќе од 20 милиони семејства.

– Мислам дека бројките веројатно ќе се намалат како што ќе доближува денот на гласање. Сметам дека Лула повторно би имал предност, но таа нема да биде толку голема како сега – вели Томас Шенон, поранешен амбасадор на САД во Бразил.

Поради страв од можен атентат, Лула побара зголемено полициско обезбедување, а на јавните настапи постојано носи заштитен елек.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот