Омикрон сојот беснее низ светот

вакцинација илустрација
Фото: EPA-EFE
Бројот на новозаболени не стивнува и во Србија, каде вчера се евидентирани 19063 заразени лица, како и 37 починати, што претставува  речиси ист рекорден број на заболени како и завчера кога беа евидентирани 19.901 случај. Во српските болниците се хоспитализирани 3 206 ковид пацинти  од кои 138 се на респиратор.

Епидемиологот Зоран Радовановиќ за Н1 изјави дека реалната бројка на новозаболени е многу поголема од бројките што ги најавуваат надлежните, како и дека големите редици пред ковид амбуалнтите и неколкучасовното чекање на пациентите покажуваат дека здравствениот систем е во „колапс”.

Рекордни бројки на заразени со ковид-19 вчера беа регистрирани и во Романија, Хрватска, Словенија, Бугарија,…

Романија постави апсолутен рекорд на нови случаи на ковид-19 во претходните 24 часа, откако бројот на нови случаи достигна 34 255. И во Хрватска, неофицијално, во претходните 24 часа е забележан нов црн рекорд според бројот на заразени – вкупно 18 517 лица, а во Словенија се потврдени повеќе од 17 000 нови инфекции, што е најголем број заразени случаи во еден ден од почетокот на епидемијата.

Медиумите пренесуваат загрижувачки податоци од болниците во Словенија во кои коронавирусот се проширил речиси во сите оддели, како и зголемен број на заразени меѓу медицинскиот персонал кој се повеќе останува во изолација или е инфициран.

Бугарија и вчера пријави рекордни 12 399 новозаразени со коронавирус за еден ден, а повеќето случаи се предизвикани од позаразниот сој омикрон, како и 73 смртни случаи.

Неодамнешниот скок на бројот на деца со позитивен тест за коронавирус ги поттикна бугарските власти да размислат за продолжување на еднодневниот одмор на девет дена, почнувајќи од 29 јануари. Над 38 отсто од учениците се префрлија на онлајн настава, додека рестораните, кафулињата и баровите во Софија од денеска ќе треба да работат со 50 отсто капацитет и до 22 часот.

Паралелно со објавите за рекордни бројки на новозаразени дел од државите најавуваат и укинување на ограничувањата.

Данска, која потврди 46 590 новозаразени објави дека планира следната недела да ги укине сите преостанати ограничувања против Ковид-19, откако слична најава имаа Велика Британија и Холандија минатата недела, и покрај големиот број заразени со омикрон во Европа. Земјата веќе ги олесни ограничувањата пред две недели, по едномесечното заклучување им дозволи повторно отворање на кината и концертните сали. Сепак, остануваат некои правила, како ограниченото работење на рестораните и задолжителното носење маски.

Во писмото до Парламентот, министерот за здравство Магнус Хеунике наведува дека Владата има намера да ги следи препораките издадени од експертски панел со цел да се укинат сите ограничувања до 1 февруари. Ако одлуката на Владата биде одобрена од Парламентот, тоа ќе биде најдалекусежното олеснување на ограничувањата меѓу нордиските држави. Ноќните клубови може повторно да се отворат, а рестораните ќе можат да служат алкохол по 22 часот, гостите не мора да приложат ковид-потврда пред да влезат. Патниците можат да се возат во автобус без маска, а продавниците можат да го укинат ограничувањето на бројот на клиенти. Доколку измените бидат одобрени, во сила ќе остане само правилото за тестирање и изолација за влез во Данска, што ќе се применува уште четири недели.

Велика Британија, Ирска и Холандија објавија слични одлуки минатата недела за укинување на повеќето ограничувања против коронавирусот, иако бројките за инфицирани лица со омикрон остануваат високи.

Австрискиот канцелар Карл Нехемар, пак, најави дека од понеделник во Австрија ќе биде укинат „локдаунот” за невакцинираните лица против Ковид-19.

– Сојот омикрон ни донесе промена на парадигмата во однос на делта варијантата. Надлежната комисија будно ги следи сите бројки на новозаразени лица и искористување на болничките капацитети. Ситуацијата во болниците е стабилна, истакна Нехамер на прес-конференција.

Во Австрија има се повеќе позитивни ПЦР тестови на ученици и паралелки кои поради заразени ученици преминале на онлајн настава. Во моментов, 1.900 паралелки се префрлени на онлајн часови поради болни ученици.

Како што соопшти Светската здравствена организација, во текот на изминатата недела во светот се регистрирани 21 милион нови случаи на заразени со коронавирус – најголем неделен број новозаразени од почетокот на пандемијата. Бројот на смртни случаи, пак, остана главно непроменен, над  50 000.

Во својата неделна проценка на пандемијата, СЗО наведе дека бројот на новозаразени со коронавирусот е зголемен за пет проценти, но оти стапката на раст исто така се чини дека забавува.

СЗО информираше дека најголем пораст на случаи на коронавирус е забележан на Блискиот Исток, со пораст од 39 отсто, по што следи скок од 36 отсто во Југоисточна Азија. Исто така, бројот на смртни случаи се зголемил во Југоисточна Азија, Блискиот Исток и Јужна и Северна Америка, но се намалил во другите региони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот