ОЈО: Обвинителен акт и притвор за 11 лица за организирање и поттикнување на трговија со луѓе

По спроведена истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје, достави Обвинителен акт против 11 лица. На лицата се става на товар дека во периодот од декември во 2019 година до октомври во 2020 година, во повеќе наврати како организатори или членови на група сториле кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно дете и криумчарење на мигранти” по член 418-в и кривично дело „криумчарење на мигранти” по член 418-б став 2 од Кривичниот законик.

Како што денеска соопшти Јавно обвинителство, во наведениот период, со умисла и од користољубие обвинетите М.С. (49) и неговиот син С.С. (23), заедно со обвинетиот А.М. (47) и А.А., кој е недостапен за органите на прогонот, организирале група за вршење кривично дело криумчарење мигранти.

– Припадници на групата станале обвинетите Б.Ј. (23), М.М. (21), Д.С. (29), Т.М. (36), Ф.А. (26) и Д.Љ. (50) кои ги прифаќале и превезувале мигрантите, како и Т.К-Ц (53) и Ј.К. (23), кои остварувале чести контакти со обвинетите М.С. и С.С. во врска со извршување на кривичното дело криумчарење мигранти. Воедно, авто-сервисот во кој бил вработен обвинетиот Ј.К. бил користен за сервисирање на моторните возила со кои организираната група ги криумчарела мигрантите, се појаснува во соопштението.

Групата за меѓусебна комуникација користела телефонски апликации на мобилни телефонски броеви од македонски и грчки мобилни оператори преку кои го договарале пренесувањето на илегални мигранти од територија на Грција во земјава.

– Дејствијата ги извршувале преку илегалните премини на т.н. „зелена граница” во околината на Гевгелија и на Дојран, каде мигрантите од претходно утврдени и договорени локации со патнички моторни возила ги превезувале до претходно извидени и договорени локации во кумановско-липковскиот регион. Таму, илегалните мигранти во организација на обвинетиот А.М. биле прифаќани, засолнувани и времено сместувани во објекти на неидентификувани лица, соработници и помагачи на организираната група, а потоа криумчарени преку територијата на Србија кон државите на ЕУ, се наведува во соопштението.

Поради начинот и мотивот на извршување на кривичното дело особено околноста што ова кривично дело има меѓународен елемент во извршувањето и поврзаност на извршители од повеќе земји, посочуваат во соопштението, обвинителството во рамки на Обвинителниот акт до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог со кој се предлага продолжување на мерката притвор за обвинетите М.С., С.С., М.М., Д.С., Д.Љ. и А.М. и мерката куќен притвор за Т.К-Ц., Ј.К., Т.М. и Ф.А. За обвинетиот Б.Ј. мерката притвор за кривично дело криумчарење мигранти е претходно определена.​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот