Одбојкарките поразени и од Словенија на Европското првенство до 19 години

Македонските одбојкарки за првпат ќе играат во Европската сребрена лига/фото: facebook.com/volleyballmkd

По стартниот пораз од Финска, македонските одбојкарки загубија и од Словенија со 3:0 по сетови 25:13, 25:20 и 25:14 во второто коло на Европското првенство за одбојкарки до 19 години кое се одржува во нашата земја.

Првите четири поени во СЦ „Борис Трајковски“ беа за Словенија, потоа фативме ритам, се доближивме на 10:9, но противничките направија серија и убедливо го добија првиот сет. Во вториот влеговме со 4:4, стигнавме на 10:10, се заканивме на нагатива од 18:16, но Словенија се одлепи кога најмногу требаше.

Во третиот сет имавме водство од 4:1 кое траеше кратко, а противникот повторно доминираше и на крајот ги освои бодовите.

Мери Бошковска со девет поени беше најефикасна во нашата селекција, по три запишаа Добрина Хаџи Тосева, Мила Долдурова, Анастасија Овнарска и Ива Стојкоска, како и Ана Јаничиќ, која влезе во третиот сет.

Словенечките одбојкарки имаа 12 активни блока, 10 повеќе од нас, имаа два аса плус и подобар прием, така што впечатокот е на ниво како на отворањето против Финска. Во понеделник во рамките од групата „1“ на ЕП ќе играме против Грција, која денеска загуби од Финска во пет сета.

На табелата во групата „1“ води Италија со шест бодови, пред Финска која има пет, по три Словенија и Полска, претпоследна е Грција (еден), а без бодови е Македонија. Во групата „2“ по првите две кола водат Србија и Холандија со по шест бодови, по три Турција и Хрватска, а ниту еден Романија и Швајцарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот