Обврската за уставни измени нема да исчезне, ќе мора да ја реализираме, вели Маричиќ

Бојан Маричиќ, министер за правда/Фото: Слободен печат

Работната група за уставните измени ќе се состане по празниците и ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија, најави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

-Jа користиме комплетната временска рамка што ја имаме и поаѓаме од една претпоставка дека сите ќе се постават одговорно и на ниво на задачата и државнички во овој процес. Министерството за правда ги покани и партиите и експертите да номинираат свои претставници. Најголем дел го сторија тоа. Веднаш по празниците ќе има состаноци и формулација на предлозите за уставни измени. По таа формулација очекуваме да има и јавна дискусија и потоа да се влезе во Собранието – рече Маричиќ во гостување на ТВ24.

Тој претпоставува дека впечатокот на јавноста оти процесот се „тера на мускули“ произлегува од тоа што јавноста се надевала оти оваа обврска ќе исчезне или ќе се реализира подоцна. Но, додава дека „ние не сакаме да губиме време, веќе сме ги почнале преговорите, скринингот тече“.

– Досегашното искуство ни вели дека вакви обврски низ годините, низ времето, ако ги оставаме стануваат потешки, не полесни. Притоа мора да имаме предвид дека оваа година е клучна за решавање на одредено прашања во регионот. Има притисок и за решавање на проблемот со Косово и состојбата во Црна Гора. Следната година е изборна и во ЕУ и ќе им треба шест месеци за распоредување на новите европски институции – објасни тој.

Според него, односот на ЕУ кон Украина исто така создава чувство на итност дека треба да се решат овие прашања побргу.

-Затоа во работната група треба да се разговара како рационално и најразумно да ги предложиме уставните измени за којшто можеме да добиеме пакет од 80 пратеници – вели Маричиќ.

На прашањето дали е тоа сега возможно, вицеппремиерот вели дека доколку се држиме фокусирани на обврските од преговарачката рамка и од францускиот предлог мисли дека е можно, иако политичките партии најавија дека ќе се отвораат и други прашања. Тој додада дека партиите имаат право да отворат прашања, кога се отвара крупа работа како Уставот.

– Но сметам дека најдобро би било ако тие прашања ги оставиме да ги решаваме во некоја подоцнежна фаза, а сега се фокусираме како да добиеме 80 пратеници за додавање во Преамбулата на делови од цногорскиот, хрватскиот и бугарскиот народ – рече Маричиќ и додаде дека со додавање на други заедници во Уставот нема да се наруши унитарноста на Македонија како држава.

Вицепремиерот исто така, изрази жалење што ВМРО-ДПМНЕ ја пропушта можноста да учествува во ваков клучен процес, како што го пропуштија влезот во НАТО. Притоа потсети дека ако не поминат уставните измени во Собранието ќе имаме блокада на преговорите кои се де факто и де јуре започнати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот