Обвинителството за организиран криминал бара притвор за 10-те осомничени за продажба на дрога, уапсени во акцијата „Чибук“

Фото: МВР

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 10 лица осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Полициската акција го носи кодното име „Чибук“.

Во текот на вчерашниот ден, под раководство на предметниот јавен обвинител полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведоа успешна координирана полициска операција под кодно име „Чибук“. Беа извршени претреси на повеќе локации во Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга, КПУ Затвор Прилеп и неговата околина и притоа беа приведени 8 лица и пронајдени 13 јутени бели вреќи со 193 вакумирани кеси со наркотична дрога марихуана во количина од 99 кг и 630 грама, стои во соопштението на Обвинителството за организаран криминал.

Како што информираат од Обвинителство, акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка во која е утврдено дека во периодот од октомври 2023 до март 2024 година.

Осомничените се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога марихуана и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба.

Во текот на овој период групата наводно организирала и реализирала продажба на поголема количина на наркотична дрога марихуана што неовластено била набавувана од непознати правни субјекти од Струмица и Демир Капија, од Р.Албанија, како и од фирма која имала дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и растенија за употреба од Струмица.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи определување на мерката притвор за осумтемина осомничени. Останатите двајца осомничени се наоѓаат на издржување на затворската казна во КПД Затвор Прилеп од каде го сториле кривичното дело што им се става на товар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот