Објавен е романот за деца „Капут од мов“ од Стефан Тиќми

Новиот роман за деца „Капут од мов“ од младиот и наградуван српски писател Стефан Тиќми излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Преводот на македонски јазик го направи Дејан Василевски, а уредничка е Оливера Ќорвезироска. Илустрациите се на Добросав Боб Живковиќ.

Ова е втора книга од Тиќми објавена на македонски јазик, по популарната „Јас сум Акико“, која ја доби наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година.

„Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми. Станува збор за топла, креативна, мајсторски засадена приказна никната како чудесен роман. И за деца и за возрасни, посочуваат од „Арс Ламина – публикации“.

Стефан Тиќми

– „Капут од мов“ доаѓа по романот „Јас сум Акико“, кој на многумина им се допадна, бидејќи е нежна приказна за едно шармантно девојче. Преку „Капут од мов“ сакав да опишам како е кога си Акико, но во поодмината возраст (во тинејџерски години). Како е кога имаш товар, кој го носиш на плеќи, и кој буквално е претставен преку дрвото, кое главниот лик Најден го носи на грб. „Капут од мов“ во суштината е слика за моето опкружување додека растев: природа, билки, птици и дрвја… Како некој вид на мајчина утроба од растенија, каде што си заглавен, а на грбот ти стои тој капут од мов и те грее и те чува од сите тие зли сили што те опкружуваат… Судбината на Најден е навистина тешка.

Првиот дел од книгата е некој вид на негово самосознавање, со монолози што ги води со себе, за подоцна да прерасне во некој вид карневал, каде што целото гратче се вклучува во таа негова приказна, за да се разреши неговата мака. Пораката на книгата е дека преку уметноста луѓето можат да бидат спасени, дека уметноста на крајот може да биде лек.

Двете мои книги се на некој начин слични по тоа што даваат литературна поддршка на младите читатели. Се надевам дека книгата ќе биде читана во Македонија и дека ќе допре, пред сѐ, до тинејџерската публика. Драго ми е што „Јас сум Акико“ веќе си го најде својот пат кај оваа публика. Ме радува и што во моментов во Скопје се подготвува и претстава базирана на „Јас сум Акико“ – вели Тиќми.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 149, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот