„Ножињата“ во грбот на Заев

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Резултатите од локалните избори и оставката на Зоран Заев ја отворија Пандорината кутија, а од неа излегоа сите зла на македонската политичка сцена.

Откако го снема „обединителот“ Заев, дур да трепнеш, сите „предавнички“ конституенти во власта се здружија за пад на истата таа влада, за која се колнеа дека сакаат да продолжи да функционира.

Најголемиот удар Зоран Заев и оваа влада го добија од партијата Беса. Се покажа дека за таа партија и за тоа раководство не важи дадената „беса“, нешто што во албанскиот општествен менталитет понекогаш има поголема тежина и од закон.

Тие истапија од Владата во најтешките моменти за државата, водејќи се само од свои лични, партиски интереси, кои воопшто не се рационални. Ние и ден-денес не дознавме кои се вистинските причини за излегување од власта. Единственото објаснување што јавноста имаше можност да го слушне беше она на генералниот секретар и министер за земјоделство Аријанит Хоџа, дека наводно ДУИ им забила нож в грб со тоа што поднела приговор за гласањето во Желино каде што кандидатот на Беса победи со 69 гласа разлика пред противкандидатот од редовите на интегративците!!!

Секако дека тоа не е доволна причина да се напушти Владата, затоа што поднесувањето приговор е стандардна демократска процедура. Доколку нивниот кандидат победи и по прегласувањето, значи дека ја има довербата кај граѓаните.

Нелогичноста на наводното незадоволство од коалициските партнери, нив ги однесе во прегратка со оние со кои веќе имаа слични, ако не и поголеми недоразбирања, во ликот на Алтернатива на Африм Гаши, со кого партијата Беса ја распукаа „на две“. Да не говориме дека таму седнаа на маса и со оние со кои велеа дека имаат непремостливи идеолошки разидувања.

Но, најголемата дволичност на Беса е што е подготвена да гласа против оваа влада на „криминал, корупција и неспособност“, како што ја „крсти“ Мицкоски, на која и тие ѝ припаѓаат. Тоа може да значи дека и тие, како инволвирани во „криминал и корупција“ и како „неспособни“, едвај чекаат да спасат жива глава од одмаздата со која им се заканува Мицкоски, влегувајќи му во скутот.

Нивно е да проценат како понатаму ќе продолжат на политичката сцена, но ќе мора да имаат предвид дека Албанците не им веруваат на оние што не држат до дадената „беса“. Дотолку повеќе што тие безмалку се поистоветуваат во однесувањето токму со оние поради кои наводно ја напуштиле Владата.

И само за потсетување, оваа партија можеби и ќе ја снемаше од политичката сцена ако самиот Заев не ја спаси внесувајќи ја во коалицијата, а чиј придонес на тогашните парламентарни избори беше речиси незначителен.

За волја на вистината, има и други ножиња во грбот на Заев и од македонскиот коалициски кампус, пред сѐ ЛДП и од ДОМ, кои само поради чудното сфаќање на демократијата од страна на Заев, отидоа сами на локалните избори, при тоа блуејќи отрови кон владеењето на градоначалниците на Заев, не штедејќи ја во критиките и самата Влада. Во некои случаи, како за Скопје, на пример, дури ја надминаа и ВМРО-ДПМНЕ во оцрнувањето на работата на градоначалникот Шилегов. Оттаму и не случајно Мицкоски се надеваше на зголемување на парламентарното мнозинство со пратениците на овие две партии.

Секако дека првите ножиња секогаш доаѓаат од своите и тие најмногу болат. Од градоначалници, министри, директори, кои во текот на својот мандат сработија малку, или невидливо, а чекаа помош „зинати“ од централната власт, која несебично им ја даде.
Но, веројатно и самиот Заев си направи харакири со изборот на луѓе со кои се опкружи, со кои се дружеше, им веруваше и од кои не сакаше да се откаже до последен момент, а кои веќе покажуваа тенденции на злоупотреба на позициите на кои беа поставени, или на злоупотреба на довербата што им беше укажана, на некадарност да се справат со предизвиците со кои државата се соочуваше.

Што ли прави сега Зоран Заев? Дали седи мирно во Струмица гледајќи им го сеирот на оние што го изневерија, а поради кои ја презема одговорноста и јавно даде оставка? Или, пак, активно бара нов лидер на партијата што ја водеше?

Она што е можеби и поважно е дали посредува во изнаоѓањето нов мандатар кој би ја водел Владата, доколку Мицкоски не го докаже мнозинството и при гласањето недоверба на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот