Администрација во твои раце

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Нема никакво сомневање дека неодложни реформи во јавниот сектор се повеќе од неопходни и приоритетни. Но дигитализацијата и новите техники самите по себе не ќе можат да ги решат натрупаните проблеми во оваа област, оптоварена со партизација, превработеност, неефикасност и недоволна едуцираност.

„Не знам, самите ќе си прашате“. Ова беше одговорот на службеничката на шалтерот на Подрачното одделение – Скопје на Управата за водење на матичните книги, кревајќи го на кратко погледот од својот мобилен телефон и компјутерот, од кој не можете да прочитате ништо друго освен да излезете надвор и да се снаоѓате како што знаете и умеете. Одговорот беше на прашањето на кој суд треба да се обрати граѓанинот за да поднесе барање за издавање потврда од казнената евиденција?
Одговорот е, всушност, една нормална рутинска постапка, која јасно го отсликува третманот на кој наидуваат граѓаните во секојдневните контакти со администрацијата, која не функционира со основна цел да им служи на потребите на граѓаните, туку, токму напротив, да манифестира надменост, да одговара со полуотворена уста, неодговорно да ве упати во погрешна насока, да очекува поткуп за бараните услуги, и да ужива во глетката дека граѓанинот е поставен во целосно потчинета и обесправена положба.

Во една таква институционална атмосфера на неорганизираност и импровизација, граѓаните често прибегнуваат кон пцости и вербални престрелки, надевајќи се, сепак, дека ќе им успее да „завршат работа“ и да го добијат бараниот документ.
Споменатиот инвентивен одговор на државната службеничка не беше даден како резултат на некое кратко обраќање на странка пред шалтер, туку беше изречен како круна по повеќедневна „голгота“ и маткање од институција до институција, кај МРТВ, па оттаму „одете кај Вардар“, кај нотар, па во судот и на уште неколку места. Згора на тоа, информациите за тоа што треба да се направи и поднесе, и каква е постапката за издавање на извесен документ, се толку штуро прикажани на обични хартии со замачкани букви, и само површно објаснети, или, пак, службеникот ве гледа како да не знае што да ви одговори, така што при секое ново доаѓање пред истиот шалтер, се покажува дека странката треба да прибави уште ова и… само уште ова.
Зошто постапката не е детално објаснета на веб-страницата на надлежната институција за да може странката однапред да се подготви, а не, откако по трет или четврти пат ќе дојде иритирана на истиот шалтер, најпосле да се појави некој „поупатен“ службеник, објаснувајќи дека треба да се донесе документ со печат од странската институција што го издала, и со деловничкиот број на предметот за кој е донесена одлука да биде издаден.

Потоа, исто така по устен пат на шалтерот, странката дознава дека документот што го донела од странство, и кој е преведен од овластен преведувач на македонски во земјата во ЕУ во кој издаден документот, не се признава (неверојатно!!), туку исклучиво мора да биде преведен од судски преведувач во Македонија, а потоа заверен на нотар. И сето тоа треба да се плати, се разбира, од еден до друг шалтер.

Граѓанинот тешко може да утврди за каков вид услуга и зошто редовно се бара плаќање такса.
Значи, одговорот беше: „Не знам, самите ќе си прашате“. А што беше тоа што службеничката „не знаеше“ за да ја информира странката. Не знаеше дека само на едно место во Скопје можете да се обратите за да поднесете барање за потврда од казнената евиденција, односно во Основниот суд 1. Значи, ни теоретска шанса не постои дека не знаела, туку дека едноставно не сака да ви помогне и ве остава да излезете со разочарувачки впечаток дека сте обичен смртник што мора да се снаоѓа на своја рака, а не да се обраќа до институциите и да им додева и одзема време на преоптоварените од работа државни службеници. Кој знае да ги штеди нервите, се обидува да ја проголта кнедлата и да продолжи понатаму по ходниците, кои се свежо варосани и исчистени токму како и „европски“ реформираната македонска администрација.
Многупати можеше да се слушне од челниците на СДСМ, особено во предизборната кампања, дека „ние имаме јасен и конкретен план“ како државата да стане членка на ЕУ. Значи, план за европеизација на државата и јасни приоритети на реформска агенда, вклучувајќи ја и „потребата за значителни реформи во јавната администрација“. Но, какви резултати се постигнати во изминатите години во рационализацијата на администрацијата и унапредувањето на нејзината професионалност и експедитивност, како и во интензивирањето на дигитализацијата на услугите, за поедноставување и ефективизирање на издавањето на документи и уверенија? Доволно е, се чини, да направите само неколкучасовна „студиска посета“ на шалтерските институции за дојдете до соодветен одговор на ова прашање.
А „јасниот и конкретен план“ на СДСМ за влез на Македонија во ЕУ оптимистички се проектира со замислена реализација во релативно краток период – до 2030 година. Тоа се поклопува и со проектираната цел за т.н. Дигитален компас на ЕУ до 2030 година. Европската комисија во 2022 година изработи детален план и постави цели за целосно дигитализирана Европа до крајот на оваа деценија.
Голем број членки на ЕУ имаат постигнато значајни успеси во областа на дигитализацијата. Што се однесува до визијата до 2030 година, таа, меѓу другото, подразбира најмалку 80 отсто од населението во ЕУ да има основни дигитални вештини. Да бидат достапни најмалку 20 милиони ИТ-специјалисти – од двата пола.

Сто проценти од клучните јавни услуги да може да се прават онлајн и секој да има пристап до својата дигитална здравствена евиденција.
Плановите на Европската комисија вклучуваат, меѓу другото, и работа за дигитализирање на јавната администрација врз основа на потребите на граѓаните. Целта на дигитализацијата на јавниот сектор во ЕУ е да може да понуди поедноставна, поотворена и поефикасна услуга за сите, без разлика дали корисникот е во својата земја или е во странство. Но клучниот фактор се, значи, потребите на граѓаните.
„Промените во твои раце“ беше победничкиот слоган на ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Се разбира дека промените, кои со нетрпение се очекуваат во Македонија, ќе подразбираат исклучително тешка работа на поставување приоритети. Нема никакво сомневање дека неодложни реформи во јавниот сектор се повеќе од неопходни и приоритетни.

Но, дигитализацијата и новите техники самите по себе не ќе можат да ги решат натрупаните проблеми во оваа област, оптоварена со партизација, превработеност, неефикасност и недоволна едуцираност.
Ѓаволски тешкиот дел е, всушност, како да се реформира менталитетот во државата, со што ќе се работи на внесување нов дух на барем малку поголемо почитување на статусот на обичните граѓани во нивниот контакт со институциите. За да го добијат одговорот што ќе им го олесни секојдневието, а не што ќе им го загорчи денот.
Како што сега стојат нештата, многу работи не се во рацете на македонските граѓани. А пред администрацијата рацете, всушност, им се врзани.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот