Ало, СДСМ? Има ли некој? Дали мислите дека „Гласавте – гледајте“ е државничка порака?

Зоран Бојаровски

Сега пред очите ги гледаме првите сцени од репризата на 2008 година, кога наместо да го прифати континуитетот на подготовките и реформи за забрзување на процесот за членство во ЕУ и НАТО, ВМРО-ДПМНЕ го сврте курсот и ја зароби државата и ја оттргна од тие процеси. Имајќи го сето тоа предвид, премногу е опасен молкот и летаргијата на СДСМ.

Несфатлив е молкот во и на СДСМ. Ако ја исклучиме колумната на Стефан Богоев од 12 мај, последните објави на веб-страницата на партијата се од 8 мај, односно обраќањето на претседателот Димитар Ковачевски и на портпаролката Кузеска, која излезе непосредно по затворањето на гласањето на избирачките места.
Да не беа професионалните должности и активности на Бисера Костадиновска-Стојчевска, Бојан Маричиќ и на Сања Лукаревска како членови на Владата и на владини институции, овој молк ќе беше уште понедозволив.
Од таа перспектива демантот на Фатмир Битиќи за негово наводно делување како независен пратеник, а подоцна и како член на ВЛЕН, доволно силно и илустративно говори на што се изложува СДСМ доколку продолжи со овој молк.
Веќе започнаа да се плетат приказни за разноразни концесии и постапки што следуваат и кои кога ќе добијат поголема јавност ќе предизвикаат лавина која не само што тешко што ќе може да биде запрена, туку ќе донесе и многу, многу поголеми последици.
Па дури и завршниот апел на Богоев во споменатата колумна на почетокот на овој текст, кој не предизвика никакво внимание во јавноста, е очајнички со повикот „Вклучете се и помогнете. Подобро да се спречи, отколку да се лекува!“.
Да не ги набројувам, но имало стотици случаи кога портпаролите на СДСМ, а и другите високи членови задолжени за комуникацијата на ставовите и политиките на партијата, излегувале и ги засилувале пораките на нивните колеги.
Сега – општ молк. Ало СДСМ? Има ли некој? Дали мислите дека „Гласавте – гледајте“ е државничка порака?
Добро, во ред, ударот што го доби партијата на изборите е удар за класичен „нокдаун“, но не може да биде фатален или да предизвика состојба на летаргија, на очај или на депресија.
Една моја колешка вели дека молкот на СДСМ е порака до гласачите „гласавте, е па сега гледајте“. Како и да ја толкувате таа позиција, ако е таква, таа е целосно погрешна.
Поразот на СДСМ не може да биде алиби за позицијата „гледај си, свиркај си“. Прво, тоа не е позиција којашто ѝ приличи на партија која претендира(ше) на прогресивност и на „нема откажување“.
Таквата позиција е поразителна и погубна. Таквата позиција само ќе им даде крилја на првите чекори за враќање на авторитарниот режим кои веќе ги гледаме.
Наместо да биде свечен чин за сите, инаугурацијата на новата претседателка дополнително ги подели граѓаните и јавноста и ги предизвика регионалните односи со соседите засновани на меѓународни договори.
Тоа не може да се премолчи.
Да, точно е. За потресот што го доживеа СДСМ треба рехабилитација и СДСМ не е само Центарот за комуникации, туку пред сè политичките чинители таму. Но, тоа не е причина политичарите да молчат, зашто освен Зоран Заев, кој веднаш реагираше, и вчера Славјанка Петровска, никој друг немаше реакции на инаугурацијата на новата претседателка.
Не може да се премолчи ниту најавата за милијардата евра заем кој ќе го земе ВМРО-ДПМНЕ и кој го прикажува како голем економски потег, кога се знае дека тоа ново задолжување повторно ќе падне на плеќите на граѓаните. Демек ќе го исполнат ветувањето за линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари со позајмени пари, кои ќе ги враќаат, кој друг ако не – пензионерите и граѓаните. Секако нема да ги враќа Мицкоски и останатите во новата влада.
Како да се премолчи повикот на Мицкоски „вестите да почнуваат со успесите на владата“? Веќе премолчува водителот на интервјуто.
Како да се премолчи дека претседателката на државата порачува дека „не може да очекуваме таа да го критикува Мицкоски на јавна сцена“? Тој, пак, повтори дека негово лично право било да не го употребува уставното име на државата.
Има(ше) и ќе има, очигледно, уште многу прилики за реакции, но СДСМ не може да очекува дека нивната битка ќе ја бијат некои други. Како претходно.
Како во периодот од 2008 до 2017, Македонија и нејзините граѓани се исправени пред многу сериозен, многу сериозен предизвик за нашите европски перспективи и стратешките интереси да бидат пренасочени во насоки кои одамна ги отфрливме како опција и кои, всушност, никогаш не биле алтернатива.
Сега пред очите ги гледаме првите сцени од репризата на 2008 година, кога наместо да го прифати континуитетот на подготовките и реформи за забрзување на процесот за членство во ЕУ и НАТО, ВМРО-ДПМНЕ го сврте курсот и ја зароби државата и ја оттргна од тие процеси.
Граѓаните на Македонија се спротивставија на овие погубни политики и си ја вратија државата назад. Со таа граѓанска поддршка Владата предводена од СДСМ за само една година со храбрата одлука за Преспанскиот договор, ѝ го обезбеди на државата членството во најмоќниот воено-безбедносен сојуз НАТО и во 2022 година ги започна преговорите со ЕУ.
Единствено ВМРО-ДПМНЕ и Левица не ракоплескаа на овие големи постигнувања и го демнеа моментот кога ќе бидат во состојба повторно да ги отворат затворените прашања.
Имајќи го сето тоа предвид, премногу е опасен молкот и летаргијата на СДСМ. Едно се подготовките за отчетен конгрес, а потоа и за внатрешнопартиски избори, но сосема друго да остави чист политички простор за дејство на опонентите.
СДСМ мора веднаш проактивно да делува, паралелно со процесот на консолидација којшто повторно ќе ја издигне над предизвиците и искушенијата и да се сообрази со духот на времето и со пораките на граѓаните. Да не се дозволи дополнително фракционирање на социјал-демократското јадро кое, за жал или за среќа, е единственото од кое зрачи некаква модерна, либерална и прогресивна идеологија.
Не смее да постои отпор и за генерациска промена со поддршка на искусните и прекалени борци што треба да ја преземат одговорноста, но да не ѝ се препуштат на летаргијата.

Рацин.мк

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот