Нови проблеми за Ѓоковиќ, задолжителна вакцинација за настап на Ролан Гарос

Новак Ѓоковиќ ќе мора да се вакцинира доколку сака да ја брани титулата на Ролан Гарос/ фото: PA-EFE/CHRISTOPHE ARCHAMBAULT

Првиот тенисер на АТП ранг-листата, Новак Ѓоковиќ, лесно може да се случи да не настапи на ниту еден гран слем турнир годинава доколку не се вакцинира против коронавирус, бидејќи и на Ролан Гарос ќе биде задолителна вакцинацијата.

Француските власти донесоа одлука сите професионални спортисти, домашни и странски да бидат вакцинирани доколку сакаат да учествуваат на спортските настани во оваа земја, а тоа го вклучува и вториот годинешен гран слем турнир, Ролан Гарос кој ќе започне на 22 мај.

Пред неколку дена, организаторот на Ролан Гарос најави дека ќе овозможи учество на невакцинирани против ковид-19 тенисери и тенисерки кои би биле сместени во „меур“, но таа одлука експресно беше сменета. Одлуката ја соопшти француската министерка за спорт, Роксана Марсинену.

„Ќе работиме заедно за зачувување на конкуренција и ќе бидеме амбасадори на овие мерки на меѓународен план“, напиша Марсинену на Твитер.

Претседателот на Тениската федерација на Франција, Жил Моретон истакна дека нема да биде можно да се настапи на Ролан Гарос со медицинско изземање, што значи дека единствен услов за настап е тенисерите и тенисерките да бидат вакцинирани против ковид-19.

По ваквата одлука на француските власти, останува неизвесно дали Новак Ѓоковиќ ќе настапи на некој од четирите гран слем турнири годинава, бидејќи и организаторите на Вимблдон и УС Опен, најавија дека ќе ги следат упатствата на нивните влади кои се залагаат само вакцинирани тенисери да учествуваат на турнирите.

Новак Ѓоковиќ бидејќи не е вакциниран, не ја брани титулата на Австралија Опен кој започна утринава. Сојузниот суд ја потврди одлуката на министерот за имиграција, Алекс Хок, да му биде укината австралиската виза која ја доби со медицинско изземање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот