Нови авиолинии од Скопје до Франкфурт, Луксембург, Штутгарт, Салцбург и Љубљана

Со субвенции од Владата, германската авиокомпанија „Луфтханза“ ќе воведе една нова авиолинија – од Скопје до Франкфурт, а нискобуџетниот превозник „Визер“ четири – од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и до Љубљана.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес-конференција објавија дека е успешен повикот за субвенции за нови авиолинии, што заврши на 31 март и оти е склучен договор со „Луфтханза“ и „Визер“.

„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април, десет пати неделно, а „Визер“ ќе ги опслужува четирите нови дестинации трипати неделно до 1 ноември годинава.

Финансиската поддршка ќе изнесува седум евра по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

Авиопревозниците „Луфтханза“ и „Визер“ ќе летаат и по неколкупати дневно од нашите аеродроми. Со авиопревозникот „Луфтхаза“ преку Франкфурт, нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе земји во Европа и светот со оглед на тоа дека аеродромот во Франкфурт е еден од неколкуте најголеми аеродроми во светот. Јас сум сигурен дека преку субвенционирање на авиолинии овозможуваме раст на економијата и на воздушниот сообраќај, рече премиерот Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Стратешка цел на Владата, додава тој, е да се искористат сите капацитети што ги нудат охридскиот и скопскиот аеродром.

Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, воведени се нови дестинации за кои имало голем интерес од граѓаните.Тој вели дека има дополнителни средства за да се објави нов повик кон крајот на годината, со цел да се привлечат нови дестинации.

Одговорено е позитивно на барањата за новите пет дестинации од овие две авиокомпании, а секоја друга компанија што ќе сака да оперира од нашите аеродроми кон која било европска дестинација тоа може да го направи и без субвенции. Но, останува правото на Министерството за транспорт и врски, доколку сметаме дека е потребно, а јас сметам дека е потребно и имаме дополнителни средства да објавиме и нов повик кон крајот на оваа година со цел да привлечеме можеби дополнителни авиокомпании но и дополнителни дестинации за нашите граѓани, рече Бочварски.

„Луфтханза“ и „Виз Ер“ за дестинацијата за која ќе добиваат финансиска поддршка ќе имаат обврска и по завршувањето на субвенциите да продолжат да ја оперираат линијата за период за кој добивале субвенциите. Во спротивно, ќе бидат должни да го вратат целиот износ на средства што ги добиле како финансиска поддршка. Ако компанијата добивала субвенции во рок од три години, ќе мора и по истекот на тие три години да ја оперира таа линија без државата да и плаќа на компанијата.

Повикот со кој се склучени договори со „Луфтханза и „Визер“ е втор годинава, а првиот беше поништен откако Комисијата за евалуација на понудите што ги доставија „Визер“, „Луфтханза“ и грчката „Еџиан Ерлајнс“ констатираше дека не ја доставиле комплетната пропишана документација.

Државава ќе доделува финансиска поддршка за нови летови по пауза од една година. Заклучно со 1 март лани, субвенции по овој основ добиваше само „Визер“, преку три последователни договори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот