Нова талибанска забрана за жените: не смеат да влезат во јавни бањи и вежбалници

Фото: EPA-EFE/STRINGER

Талибанците им забранија на жените да влезат во јавни бањи и вежбалници, соопштено е, откако претходно оваа недела им забранија на жените да влезат во парковите во главниот град Кабул.

– Спортските сали се затворени за жени бидејќи тренерите се мажи, а некои сали беа мешани – рече во неделата Мохамад Акиф Садек Мохаџир, портпарол на Министерството за спречување на пороците и промоција на доблеста.

Отсега на жените им е забранет пристапот и до амамите, јавните бањи во кои традиционално жените се одвојуваат од мажите.

– Сега секоја куќа има бања, така што нема проблем жените да се мијат – објасни талибанскиот портпарол.

Видео објавено на социјалните мрежи наводно покажува група жени со свртен грб кои протестираат поради затворањето на спортските сали.

– Оваа спортска сала е наменета исклучиво за жени. Наставниот кадар и тренерите, сите се жени – се жали една од нив.

„Не можете баш сѐ да ни забраните“, додава младата жена.

Кога дојдоа на власт по вторпат во август лани, талибанците ветија дека овој пат ќе бидат пофлексибилни отколку за време на нивното прво владеење од 1996 до 2001 година, но оттогаш постепено се враќаат на старата практика на бизарни, радикални забрани кои се однесуваат на жените.

Така, тие ги затворија средните училишта за девојчиња и наредија да се носи целосниот превез. Жените се исфрлени од повеќето работни места во јавните служби, не им е дозволено да патуваат сами надвор од градот, а претходно оваа недела талибанците исто така им забранија влез во парковите во главниот град.

Сите овие ограничувања треба да ги спречат жените да се соберат и да изразат противење на талибанскиот режим, се оценува.

Мали групи жени организираа неколку протести во Кабул и други поголеми градови, изложувајќи се на опасност од репреии од властите. Тие собири беа брутално растурени, а учесниците беа приведени во полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот