Нов студен туш од Софија: Бугарија нема да поддржи почеток на преговорите за ЕУ со Македонија

Бугарија не може да го поддржи одржувањето на првата меѓувладина конференција со Македонија, соопштија од бугарското МНР за агенцијата БГНЕС, откако деновиве победничката партија на изборите во Бугарија, „Продолжуваме со промените“ испрати позитивни сигнали околу можноста да се тргне блокадата на евроинтеграциите на земјава.

Сегашниот проект за преговорачката рамка за влез на Македонија во ЕУ не ги содржи предлозите на бугарската страна и од тоа следува дека Бугарија не може да ја поддржи конференцијата, велат од бугарското МНР, додавајќи дека техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев денеска ги примил амбасадорите на земјите членки на Европската Унија и ги информирал и за отворените прашања со земјава.

„Нема каков било напредок во спроведувањето на Договорот за добрососедство“, истакнал Стоев на средбата, посочувајќи дека бугарската страна се уште очекува конкретни чекори од македонска страна, како што е откажување од територијални и малцински претензии, прекин на говорот на омраза против Бугарија, промена на учебниците во Македонија што ќе ја отсликува нашата заедничка историја и гарантирањето на правата на граѓаните со бугарска самосвест“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Слични најави дојдоа и вечерва од двајцата претседателски кандидати во Бугарија, Румен Радев и Анастас Герџиков, кои се соочија во дебата на државната телевизија БНТ.

Според Герџиков, потребен е поинаков пристап во односите меѓу двете земји, но не од страна на Бугарија, туку од страна на Северна Македонија. Бугарија, вели Герџиков, сака да се почитува Договорот за добрососедство, што значи почитување на правата на Бугарите во С. Македонија, запирање на говорот на омраза, да се подобри транспортната поврзаност. Според него, Бугарија го направила патот до границата со С. Македонија, но од другата страна немало ништо и покрај европското финансирање.

Актуелниот бугарски претседател Румен Радев во дебатата кажа дека Бугарија не може да каже „да“ за Северна Македонија за членство во ЕУ пред, како што наведе, да запре кршењето на човековите права на Бугарите во земјата и систематската дебугаризација што се води со децении, како и уништувањето и фалсификувањето на бугарското културно и историско наследство, и пред да се искорени говорот на омраза во учебниците и натписите на музеите и институциите, во државните медиуми и МАНУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот