ВИДЕО: Веројатниот нов бугарски премиер Петков најавува нов пристап кон македонското прашање

Кирил Петков гласа на парламентарните избори во Бугарија / 14 ноември 2021 / фото: ЕПА/ЕФЕ, Васил Донев

Новата бугарска влада, која треба конечно да биде формирана во третиот обид и по третите парламентарни избори во една година, најверојатно ќе ја сочинуваат партиите Промените продолжуваат, Демократска Бугарија, Бугарската социјалистичка партија, како и Има таков народ на Слави Трифонов.

Во првата изјава откако беше објавено дека тој ќе ги утврдува заедничките програмски цели и кадровската структура на идната влада, еден од двајцата лидери на Промените продолжуваат, Кирил Петков, кој веројатно ќе биде нов бугарски премиер, зборуваше и за односите со Северна Македонија.

Петков вели дека отсега во тие односи доминантна ќе биде економијата, наместо политиката.

„Имаме категоричен став за тоа што треба да се направи. Треба веднаш да направиме заеднички работни групи, но тие нема да бидат составени само од историчари, туку и со луѓе од бизнисот, од културата, од образованието, за да не зборуваме само за историја, туку за сѐ што може да придонесе за да просперираат и да се зајакнат добрососедските односи. Крајно време е да сфатиме дека не е нормално да летам преку Виена за да стигнам до Скопје, дека не е нормално да немаме железничка линија која ќе не поврзува, дека не е нормално бугарските бизнисмени да продаваат во Австралија, а не во Македонија“, рече Петков.

Тој додаде дека истото се однесува и за „нашите македонски колеги“.

„Треба да почнеме да зборуваме за сите работи од кои може да имаме полза како добри соседи. Треба да ги направиме тие работни групи, тие да имаат јасни цели и да се среќаваат најмалку еднаш месечно. Ние треба да си ги заштитиме нашите национални интереси, тие треба да си ги заштитат нивните, но со заеднички услов, и двете страни да имаме полза од тоа“, рече тој (по четвртата минута на видеото).

 

Петков уште на изборниот ден, веднаш откако гласаше, се осврна на прашањето на односите со С. Македонија, велејќи дека не е нормално од Софија до Скопје да се стигнува преку Виена.

Лидерите на партиите кои ќе бидат дел од новата влада најавија дека веднаш ќе почнат преговори за што поскоро да се формира политичка влада, која ќе го замени техничкиот кабинет на Стефан Јанев, предложен од шефот на државата Румен Радев.

Петков е најсериозниот кандидат за иден премиер и тој доби поддршка од сопартијците да ја отвори комуникацијата со потенцијалните партнери во владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот