Нов проблем за Шолц: Парламентот го отфрли законот за задолжителна ковид-вакцинација кај постарите луѓе

Олаф Шолц/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Долниот дом на германскиот парламент денеска гласаше против нацрт-законот со кој се бара од сите постари од 60 години да се вакцинираат против ковид-19 во новиот пораз на канцеларот Олаф Шолц, пишува Ројтерс.

Кампањата за вакцинација во Германија тапка во место со околу 76,6 отсто од германското население вакцинирано со најмалку една доза – бројки пониски во однос на другите западноевропски земји како Франција, Италија и Шпанија.

Во обид наесен да се избегне нов бран на вирусот, меѓупартискиот предлог бараше граѓаните на возраст од 60 и повеќе години задолжително да се вакцинираат од 15 октомври.

Дневните инфекции се на високо ниво во Германија, но се намалија во последната недела, а денес се пријавени 201.729 нови случаи.

Од 683 парламентарци кои гласаа, 378 гласаа против нацрт-законот, а 296 беа „за“, што предизвика овации кај пратениците на екстремната десница АфД. Гласањето беше слободно, при што на пратениците не им беше кажано да ги следат партиските линии.

Сепак, поразот е назадување за Шолц, кој дури ја повика својата министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, да го напушти состанокот на НАТО во Брисел за да се врати на гласањето.

Шолц минатата недела беше принуден да се откаже од плановите за задолжителна вакцинација за сите постари од 18 години, бидејќи не можеше да собере парламентарно мнозинство.

Дирк Виз, пратеник вклучен во иницирањето на законот, ги обвини опозициските конзервативци, велејќи дека тие го блокирале законот за да и наштетат на владата.

Предизвикувачка динамика

Неуспехот на законот ја одразува предизвикувачката динамика на креирање политики на владејачката коалиција, која ја сочинуваат социјалдемократите на Шолц, Зелените и либералните Слободни демократи кои не се согласуваат за многу прашања.

Канцеларијата одби да коментира, но министерот за здравство Карл Лаутербах, кој го поддржа нацрт-законот, рече дека ќе биде многу потешко да се бориме со пандемијата наесен.

„Политичкото покажување со прст не помага. Продолжуваме да се бориме“, напиша Лаутербах на Твитер.

Три дополнителни предлози, или само да се советуваат луѓето да се вакцинираат или целосно да се отфрли мандатот, исто така беа изгласани по бурна четиричасовна дебата.

Наметнувањето вакцинирање на граѓаните го прекршува вториот член од уставот, кој гарантира контрола на граѓаните врз нивните тела, се тврди во предлогот на АфД.

Австрија минатиот месец го суспендираше својот мандат за вакцини, шест дена пред да почнат да се наметнуваат казните за прекршување, поради загриженоста за кршење на правата. Прочитај повеќе

Германската федерација на болници (ДКГ) соопшти дека неуспехот на нацрт-законот е одговорност на сите страни.

„На крајот, сега се соочуваме со хаос за кој се одговорни сите страни“, изјави претседателот на DKG Џералд Гас за весникот Rheinische Post.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот