Нов изборен модел мртво слово на партија

Фото: Слободен печат

Откако „падна“ датумот за предвремени парламентарни избори, падна и ентузијазмот кај поголемите партии за промена на изборниот модел.

Иако начелно СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се залагаа правилата на игра да се прилагодат на начин на кој помалите партии ќе имаат шанса за влез во парламентот, а граѓаните ќе добијат директни претставници во законодавниот дом, засега е извесно дека на предвремените парламентарни избори, на 12 април 2020 година, ќе се гласа според стариот модел.

Според ДУИ, во предизборие било недозволиво да се менуваат изборните правила, според ВМРО-ДПМНЕ до април немало време за тоа, а СДСМ начелно сака промена, ама никој друг немал волја, па не можеле сами.

Научна наместо политичка дебата

Доколку изборите беа закажани како итни до крајот на годинава, како што предложи премиерот Зоран Заев, реално ќе немаше време за промена на Изборниот законик, но до изборите има нешто помалку од шест месеци и се наметнува прашањето – дали навистина нема доволно време за таква реформа или големите партии го користат моментот на итност за да протуркаат уште едни избори „по старо“ и да си го распределат најголемиот дел од колачот, односно од 120-те мандати. Според познавачите, „еуфоријата“ за демократизацијата на политичката сцена е стивната, затоа што со промена на моделот токму големите партии ќе изгубат пратенички места.

Според аналитичарот Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, јасно е дека на најголемите политички партии им одговара сегашниот изборен модел.

– Немаат особени причини да го менуваат, затоа што вака најмногу пратеници добиваат најголемите партии. Ако сакаа, ќе го променеа моделот и досега. Во последните три години имаше доволно време да се најде најсоодветното решение. Интересно е што и сега, до април, има време да се донесе нов Изборен законик за да имаат шанса сите политички субјекти, но гледаме како големите партии со префрлување на топката и одговорноста и со разни изговори прават сè да не се промени ништо – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Од друга страна, Марко Трошановски од Институт за демократија смета дека до април нема доволно време за промена на изборните правила и дека нашето општество сè уште не развило темелна дебата на оваа тема.

– Дебатата е почната и преовладува ставот дека отворени изборни листи и намален број на изборни единици се насоките во кои ќе се движи реформата. Каков и да е моделот што ќе се избере, импликациите од изборната реформа ќе бидат сериозни во општеството и затоа, пред сè, е потребна стручна и научна дебата, наместо политичка. Потребно е да се анализираат можните модели и да се прават симулации какви би биле изборните исходи при ист број гласови, а распределени според различни изборни модели итн, а треба да се изврши и компаративна анализа на моделите во соседството и во Европа. Сепак, познавајќи го нашето општество, особено политичките партии и начинот на кој тие се однесуваат во периодите пред избори, сметам дека е кратко времето за да се дојде до квалитетно решение за овие избори – вели Трошановски, кој очекува ова суштинско прашање да биде разрешено до следните парламентарни избори.

Како договорени да не се договорат

Во СДСМ велат дека не отстапуваат од предизборното ветување за нов изборен модел, а премиерот Зоран Заев по лидерската средба најави дека датата 12 април остава простор да се разговара за оваа тема. Премиерот тогаш истакна дека за СДСМ е прифатливо една изборна единица и отворени листи, дека одржува состаноци и со помалите партии и верува оти државата ќе направи исчекор кон поголем плурализам во Парламентот.

Лидерот на опозицијата, пак, Христијан Мицкоски рече дека не е оптимист оти до пролет може успешно да се ревидира изборниот модел, туку тоа ќе се случи за некои следни избори. Тоа, пак, не е во согласност со неговите претходни апели до Заев, кога на почетокот на октомври го повика на предвремено гласање во март, со зборовите: „Јас предлагам да прифатиме 120 изборни единици и да одиме на избори“. Мицкоски тогаш нагласи дека на досегашните средби меѓу политичките партии за Изборниот законик се зборувало единствено за препораките на ОБСЕ и ОДИХР, а никогаш не станало збор за промена на изборните правила.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека не ги промениле своите ставови во врска со изборниот модел.

– Промена на изборен модел е комплексен процес кој не се завршува само на два месеца пред изборот на техничка влада или на пет месеци пред изборите. Тоа е процес во кој треба да учествуваат сите политички партии, сите политички чинители и целата јавност. Во моментов, на Македонија поради кризата со недобивањето на датумот за преговори со ЕУ, но и со целиот криминал и корупција наназад ѝ се потребни предвремени избори и промена на власта. Повикуваме никој да не ја злоупотребува темата околу изборниот модел за дефокусирање или ситни политички поени, бидејќи ние сепак му дадовме шанса на процесот и формиравме група за преговори од наша страна, но власта е таа која ниту повика ниту пак отпочна конкретни разговори за да произлезе какво било решение – вели портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Од друга страна, портпаролот на владејачката СДСМ, Коста Костадинов, вели дека немало меѓупартиски состаноци за Изборниот законик, затоа што досега не виделе волја кај опозицијата.

– Промена на изборниот модел со една изборна единица и отворени листи е наша предизборна определба и не отстапуваме од тоа. За да има состаноци меѓу партиите на оваа тема опозицијата е таа што треба да покаже волја дека сака промена што досега ја немаме видено. Има можности за промена на изборниот модел, има и време до април и ние сме подготвени за разговори, но опозицијата треба да се изјасни дека е „за“. Во спротивно, само ќе се политизира ова прашање, а ние немаме намера да ги исполнуваме желбите на опозицијата. Принципиелно, ние сме за промена, но за тоа е потребна политичка волја од сите – вели Костадинов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот