Нов Балкан, стари проблеми

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

На фонот на замрзнатите европристапни преговори на Македонија и на Албанија, но и речиси никаквиот напредок на Србија и Црна Гора кон полноправно членство во Европската Унија, во Скопје лидерите на трите земји т.н. „Мал Шенген“ го официјализира со ново име „Отворен Балкан“. Покрај тоа што голем број од политичарите и бизнисмените ја поздравуваат оваа новопредвидена соработка за тесна царинска унија, особено меѓу трите земји, има и такви што препорачуваат внимателност при еуфоричното однесување и „прославување“ за овој „голем“ регионален проект.

Има најмалку две причини. Првата е стравот дека оваа западнобалканска соработка на среден, па и на подолг рок ќе биде третирана како замена за полноправното членство во ЕУ, без разлика што државниците уверуваат и убедуваат во спротивното и велат дека со оваа иницијатива ќе го забрзаат интегрирањето на сите земји во целосно членство во Унијата, како и отвореното зборување за проектот „нов српски свет“ како нескриена желба и намера на српското државно раководство за создавање поширока сфера на влијание на официјален Белград врз држави и региони, наследнички на поранешна Југославија, во кои има значително српско малцинство (некаде и мнозинство), но и каде што Србија има извршено културолошко, медиумско, воено-разузнавачко, но и менталитетно влијание (читај: Македонија).

Вторава причина, според мене, е поопасна, особено на фонот на нерешеното српско-албанско прашање, односно статусот на Косово, кое може да има сериозни безбедносни импликации врз нашата земја. Членството на Македонија во НАТО најмногу беше поради тоа: гаранција на територијалниот интегритет и суверенитет и унитарноста на државата во регион во кој сѐ уште некои центри на моќ предвидуваат прекројување на границите на земјите со етнички ножици, кое несомнено би не фрлило во нова епизода на балкански крвопролевања.

Всушност, зошто само овие три земји го создаваат и го уредуваат овој начин на, пред сѐ, економско-стопанска соработка и унијатство, а кон нив не се придружуваат Босна и Херцеговина и Црна Гора?! Токму поради наброените причини, особено поради втората, бидејќи поранешните две југословенски држави се сомневаат во искреноста на српските намери, т.е. на намерите на неприкосновениот српски лидер, претседателот Александар Вучиќ. Сепак, да не бидеме толку наивни, овој нов сојуз е поттикнат токму од западните сили, кои во неможноста (повеќе: незаинтересираност) да му ја испорачаат толку ветената европска иднина на брдовитиот и нестабилен Западен Балкан, тие го поттикнуваат на една поблиска соработка, нешто слично како на претходната „Вишеградска група“ во која нејзините членки, централноевропските држави Полска, Унгарија, Чешка и Словачка на сличен начин требаше економски, стопански и инфраструктурно да соработуваат и да се поврзат, како една увертира пред нивниот финален влез во структурите на ЕУ.

Кога на сето ова ќе се додаде антицивилизациската и антиевропската блокада од официјална Софија на нашите европристапни преговори (и како колатерална штета од овој потег на Бугарија и европреговорите на западниот сосед Албанија), ќе видиме дека и овој пат источните соседи ја изгубија битката за Македонија со официјален Белград како секој пат низ историјата во последниот век и половина.

Наместо Договорот за добрососедство и пријателство, потпишан помеѓу Скопје и Софија, да биде мост на разбирање, на цивилизациско решавање на проблемите и пред се на зближување на двата блиски, но историски раздвоени народи, кои, можам слободно да констатирам, денес, за жал, отворено се мразат, налудничавата политика на сите бугарски влади од таа на Борисов-Каракачанов досега ја мултиплицираше омразата од двете страни на границата. Добрите релации, пак, кои ги имавме со северниот сосед, како земји што биле дел од една поширока заедница во минатото, држави што имаат културолошки  и менталитетно блиски односи, со подарувањето вакцини од страна на Србија март годинава, кога ги немавме ни за лек, и актуелнава промоција на овој нов „балкански пакт“ уште толку ќе ги зацврсти меѓусебните контакти, природноста и убавите мисли помеѓу двата народа и општествата.

Тоа е, драги пријатели – во животот и во политиката нема изненадувања, само причинско-последични собитија, кои на крајот на денот се резултат од претходно водени политички потези. Бугарите од своите погреши потези никако да извлечат поука и да донесат правилна одлука. Јас лично, сосема ги разбирам: националното опсесивно-компулсивно однесување кон се што значи и што претставува Македонија таму се издигна на ниво на култ, кој, простете, заслужува психијатриско посматрање.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот