ВИДЕО: Финците панично купуваат таблети со јод, Њујорк веќе ги предупреди граѓаните за можен нуклеарен напад

Фото: EPA-EFE/Matteo Corner

„Значи, се случи нуклеарен напад. Не ме прашувајте како и зошто, само знајте дека се случи ‘големата’ експлозија… Во ред, што правиме сега?“. Со овие зборови започнува последното видео објавено во јули годинава на Јавниот сервис за соопштенија, од властите во градот Њујорк.

„Иако веројатноста за инцидент со нуклеарно оружје во или близу Њујорк е многу мала, важно е њујорчаните да ги знаат чекорите за да останат безбедни“, стои во соопштението за медиумите на Одделот за итни случаи на Њујорк.

Краткото соопштение за јавниот сервис идентификува три чекори. Во случај на нуклеарен инцидент, Њујорк ги советува граѓаните да ги спроведат следните активности:

Влезете внатре: Движете се во затворен простор и подалеку од какви било прозорци.
Останете внатре: затворете ги сите врати и прозорци и преместете се во подрумот ако имате.
Останете приспособени и останете на место: следете ги медиумите за најновите детали и следете ги предупредувањата од официјалните лица кога е безбедно да се излезе надвор.

„Доколку сте биле надвор по експлозијата, веднаш исчистете се. Отстранете ја и спакувајте ја целата надворешна облека, за да ја задржите радиоактивната прашина или пепел подалеку од вашето тело“, стои во видеото.

„Како што неизвесноста и заканите продолжуваат да кулминираат, важно е њујорчаните да знаат дека се подготвуваме за какви било непосредни закани и ги обезбедуваме ресурсите што им се потребни за да останат безбедни и информирани на сите граѓани“, рече своевремено комесарот за управување со вонредни состојби, Зак Искол.

Погледнете го предупредувачкото видео:

Пораката не се однесувала само на Њујорк?

Вакви предупредувања со инструкции се прикажуваа на американските телевизии пред неколку децении, а иако во последното соопштение во фокус е градот Њујорк, некои експерти во разговор за американската телевизија „Ен-Би-Си“ изразија сомнеж дека пораката е наменета за пошироката американска јавност.

Слично предупредување пристигна и од Билтенот на атомските научници, непрофитна организација која се занимава со науката и глобалните безбедносни прашања кои произлегуваат од забрзаниот технолошки напредок што (може да) има негативни последици за човештвото. Научниците од оваа организација во 1947 година го создадоа „Часовникот на Судниот ден“, симбол и метафора кој ја претставува веројатноста за глобална катастрофа предизвикана од човекот, според мислењата на научниците членови на Билтенот.

Во 2020 година, научниците ги поместија „стрелките“, па така, од две минути до полноќ или „судниот ден“, според нив, сега сме на рекордни 100 секунди до „судниот час“.

„Нашата одлука да го задржиме часовникот на „Судниот ден“ на 100 секунди до полноќ е јасно предупредување за светот: Треба да се повлечеме од прагот на несреќата. Потребни се итни, практични чекори за заштита на човештвото од главните глобални закани што ги наведовме… Руската инвазија над Украина го врати во живот ова хорор-сценарио, откако рускиот претседател Владимир Путин се закани со употреба на нуклеарно оржује доколку НАТО се обиде да и помогне на Украина. Вака изгледаат 100 секунди до ‘Судниот ден’“, се вели во соопштението на научниците.

Часовникот беше поместен на две и пол минути во 2017 година, потоа на две минути до полноќ во јануари 2018 година, а остана непроменет во 2019 година. Во јануари 2020 година пак, беше поместен на 100 секунди пред полноќ и оттогаш остана непроменет во 2021 и во 2022 година.

Изминативе 24 часа паника во Финска

Откако финското Министерство за здравство и социјална заштита ги повика граѓаните помлади од 40 години да купуваат таблети со јод, како превентивна мерка во случај на закана од нуклеарно зрачење, неколку часа подоцна, аптеките останаа без тие апчиња. Здружението на фински фармацевти ја потврди информацијата и соопшти дека наскоро повторно ќе бидат достапни во аптеките.

Како што објави финското Министерство за здравство, препорачаната единечна доза за лица на возсраст од 12-40 години, во опасна ситуација со зрачење, е 130 милиграми калиум јодид. За децата над 3 години се препорачува половина од таа доза.

„Возрасните лица не се под ист ризик, а упатствата не препорачуваат лица постари од 40 години да земаат таблети со јод во случај на опасност од радијација“, се вели во соопштението.

Тамошните власти велат дека засега нема производи со јод соодветни, ниту достапни во Финска, за деца на возраст под три години. Сепак, препорачаната доза за деца под три години е 32,5 милиграми калиум јодид, а за новороденчиња половина од тоа.

Во соопштението се истакнува дека во случај на таков итен случај, засолнувањето во затворени простории е главниот начин за луѓето да се заштитат од опасното зрачење.

Министерството, исто така, истакнува дека единечна доза на таблети со јод обично обезбедува „доволна заштита“. Се додава дека јодот ретко предизвикува несакани ефекти, но дека лицата кои имаат болести на тироидната жлезда треба претпазливо да ја користат супстанцијата. Исто така, им се препорачува на бремените жени на возраст над 40 години да чуваат резерви на таблети со јод дома, бидејќи тироидните жлезди на плодот се значително почувствителни на радиоактивен јод отколку кај возрасните.

„Јавните здравствени служби ќе набавуваат таблети со јод погодни за деца под три години и ќе го одредат најдобриот начин да ги дистрибуираат истите до родителите и  бремените жени“, стои во сооопштението.

Во вторникот попладне, најголемиот синџир на аптеки во Финска, „Илиопистон аптеки“ објави дека залихите на таблети јод практично се распродадени на национално ниво по објавувањето на соопштението на Министерството. Директорот Кати Вуорикалас за новинската агенција „СТТ“ изјави дека огромната побарувачка се одразила и на зголемениот сообраќај на веб-страницата на синџирот, што предизвикало страницата значително да забави, а дури и целосно да биде недостапна за некои корисници.

Финска со децении развиваше сеопфатен план како би го подготвила своето население за можни војни, нуклеарни несреќи и природни катастрофи. Државата, која дели 1.340 километри граница со Русија, има огромна мрежа на засолништа за цивилна заштита, големи стратешки залихи и протоколи за итни случаи.

Руски бомбардери способни да носат нуклеарни бомби видени во база близу Финска, алармира Израел

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот