Ниту еден пациент не е вратен, малигните болни и во пандемија редовно добиваат терапија

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пандемијата на коронавирусот не ја намали раздвиженоста пред Клиниката радиотерапија и онкологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Секој работен ден околу 600 пациенти со малигни заболувања влегуваат на Клиниката по својата хемотерапија. 150 од нив се борат со рак на дојка.

Во Македонија годишно се регистрирани меѓу 5.500 и 7.000 новозаболени од канцер, што се придодаваат на бројката 30-40.000 болни колку што годишно поминуваат низ Институтот за онкологија и радиотерапија при Клиничкиот центар во Скопје, најголем во државава и во моментов единствен кој фунционира со целосен капацитет. Останатите дисперзирани онколошки одделенија, во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, во Штип и во Битола се претворени во ковид центри и се затворени за онколошките пациенти.

– Имаше денови кога сестрите остануваа и до 20 часот навечер, но успеавме и хемотерапија да дадеме на сите и преку Црвен крст да ја доставиме таблетарната терапија до сите наши пациенти. Ги примаме сите и секој кој има потреба го вклучиме во редовните терапии, вели за Слободен печат д-р Нино Васев, директор на Институтот за Онкологија во Скопје.

Поради новата ситуација наметната од ковид-19 беше неопходна  реорганизација за да нема застој во негата на малигните болни, додава Васев.

– На почетокот немаше директни препораки. Но во февруари, ние онколозите од РОМНИ групата направивме  прирачник за активности и сите хемотерапии и зрачења влегоа во она што мора да се направи, да не се избегнува, без разлика што е пандемија. Контролите, оние тримесечни и шестмесечни можеа да се одложат, вели нашиот соговорник во чија институција сега е сконцентрирано лекувањето на пациентите од цела Македонија.

д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија

Биба Додева од Здружението „Борка“ посочува дека  пациентите со малигни заболувања чекаат преглед и контроли многу подолго време од вообичаеното, и сето тоа паднало во сенка со пандемијата со ковид-19.

– Во системот „Мој термин“ нема термини, односно многу брзо се пополнуваат, за некои дијагностички прегледи и интервенции се чека по неколку недели, а пациенти се жалат дека се чека и со месеци. Скрининг програмите воопшто не фунционираат и ова не е добро за болните од рак, вели Додева.

Она што, пак, беспрекорно функционира уште од мај годинава е доставата на таблетарната терапија. Списоците на пациентите ги прават Клиниката за онколигија и „Борка“, по што терапијата до врата на пациентите им се дистрибуира преку волонтерите од Црвениот крст.

Ваква достава добиваат и пациентите од Клиниката за хематологија, а на Клиниката за онкологија продолжуваат да доаѓаат само пациентите кои примаат хемотерапија и радиотерапија.

клиника за онкологија
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Пандемијата не смее да ја спречи редовната терапија кај пациенти болни од карцином. Сфативме дека ендокрината терапија и радијационата зрачна терапија се тотално безбедни и според европските правилници, значи може да се даваат и во време на ковид-криза и не пречат на здравјето и имунитетот на пациентот, вели доктор Васев.

Психолошкото закрепнување најважно во борбата со канцерот

За закрепнување и лекување на малигните болести многу е важна психолошката поддршка на пациентите и токму затоа на Клиниката за онкологија се воведени низа новитети со цел да им се излезе во пресрет на пациентите полесно да ги пребродат сите етапи од борбата со опасната болест.

– Негата не е само со лекови, туку и некакви човечки односи, разговор. Можност да се праша лекарот. Видовме дека многу пациенти зависат од психолошкиот момент, беа многу исплашени заради ковидот. Ние како Институт воведуваме Онколошка телеамбуланта. Сите преку платформата ЗУМ ќе разговараат со пациенти, вели д-р Васев, задоволен што овој новитет во јавното здравство ќе почне токму од клиниката со која тој директорува.

Покрај ова, Клиниката од неодамна е отворен и Психолошки кабинет каде во поддршката на пациентите се вклучени и стручни лица – психолози.

Во психолошката поддршка на болните и нивните семејства вклучени се и повеќе невладини организации како Борка, чија специфична сфера е поддршка за пациентите со карцином на дојка, и  „Љубов сме“ – Jemi dashuri.

Биба Додева, претседател на Здружението Борка

– Отворивме неколку  телефонски линии кои се уште работат. Од мај до септември имавме над 415 јавувања на СОС телефонската линија, вели Биба Додева и нагласува дека од другата страна на линијата се жени кои го победиле канцерот на дојка и поминале низ хемотерапии и сите фази од болеста и токму своите искуства им ги пренесуваат на пациентите кои сега се соочуваат со истите проблеми.

Терапијата со суперлекови запнува кај тендерите

Пациентите кои се борат со канцерот сепак не губат надеж дека ќе истраат во борбата и дека со современата медицина и третманите ќе ја победи болеста.

-Сведоци сме на нов развој на медицината, науката оди напред како и разбирањето на некои процеси на болеста. Овие терапии се голема надеж. Тие не се евтини, но успеавме како држава која има полимитирани ресурси да го сфатиме приоритетот. Владата, Министерството за здравство  и Фондот за здравствено осигурување направија листа со 30 нови лекови и мислам дека следната година ќе биде уште посветла за нас зошто се очекуваат уште три до четири нови суперлекови кои се бесплатни за болните од карцином, вели доктор Васев.

Од друга страна, Биба Додева од здружението „Борка“ вели дека Министерството за здравство треба да поработи на тендерските постапки и лековите кои се застарени да се заменат со нови и проверени терапии, односно листата на лекови мора постојано да се ревидира.

– Успеавме да го надминеме првичниот страв кај луѓето дека нема да има терапија, но како што поминува време мислам дека се опуштивме и лично сметам дека вториот  бран на коронавирусот неподготвено го пречекавме, зошто не смеат во ниту еден момент пациентите болни од рак да останат без својата терапија. Треба да се работи системски ова да се реши, не само да ги затвораме дупките што биле направени или каде што пука системот. Работите треба да ги менуваме од самиот почеток. Мислам дека постои волја за сето тоа, вели Додева.

Доктор Васев посочува дека залихата на некои лекови е при крај, бидејќи е крај на годината, но дека успеале некако да го надминат овој тежок период.

– Сега немаме само еден лек за рак на дојка „фазлодекс“, но набавката е при крај, додека за лекот „фулвестрант“ бараме начин да го добиеме до крајот на оваа година, и  тоа се два лека од 30 лекови кои не се на позитивната листа но ги има за пациентите со набавка на секои две години. Тоа е терапија која е докажана и најдобра и во моментов ја имаме, вели директорот на Институтот за онкологија.

Ракот на дојка најзастапен

Во Македонија, статистички, ракот на дојка и ракот на бели дробови се најзастапени, а тука веќе се приближува ракот на дебелото црево и на стомачните органи.

– Сите западноевропски земји го имаат истиот тренд. Што е поразвиена земјата, има повеќе карцином. Посебно рак на дојка. Како што се глобализира целиот свет, ракот на дојка и во земји каде не бил голем, се зголемува. Екологијата, индустријализацијата, квалитетот на воздухот, водата и храната како и стилот на живот секако имаат свое влијание врз појавата и ширењето на малигните болести, и токму овие сфери ќе бидат приоритет на сите земји во светот во наредните 50 години зошто здравјето на сите е во прашање, вели доктор Васев.

Додева смета дека работите мора да се променат, бидејќи ковидот зазема огромно внимание и сите работи стагнираа.

– Тоа мора да се промени затоа што ковидот ќе дојде и ќе земе животи, но ете реално, ако конкретно кај малигните заболувања ја следиме инциденцата, преваленцата и морбидитет во 2018 година, ќе видиме дека  имаме околу 21 новозаболен секој ден од некоја малигна болест во Македонија, а умираат околу 13 лица, според официјалните податоци на СЗО и на Агенцијата за контрола на ракот за 2018 година и тоа е многу позагрижувачко. Сметам дека ќе имаме можност да учиме од нашите грешки , меѓутоа да не учиме од несосодветната грижа за време на ковид и изгубените животи поради недостаток на реакција во вистинско време, нагласува Додева.

Колку малигните болни се подложни на коронавирусот е многу актуелно прашање и на почетокот од епидемијата, овие пациенти речиси херметички беа затворени во своите домови од страна на семејствата кои не гледаа друг начин за заштита на своите блиски освен строга изолација.

Пациентите кои имаат рак се постојано исплашени дека се повеќе подложни на ризик од зараза од ковид. Една европска студијата покажа дека ако пациентот нема никакви коморбидитети и ако е здрав, на пример младите, децата и слично, ризикот од пандемијата е 1,5, ако има канцер е 7,5, ако има хронична респираторна болест е 8, значи поголем е ризикот за ковид кај тие што имаат астма, на пример, отколку кај болните од канцер, а кај оние со висок притисок ризикот е 8,4, и пак поголем од оној кај малигните болни, кај болните од дијабет ризикот е 9,2, со кардиоваскуларна болест ризикот е 13,2 значи ризикот за потежок исход од ковид е поголем. Најризична група сигурно се болните од кардиоваскуларни заболувања, вели д-р Васев.

Вакцини против ковид и за малигните болни

Голема надеж на глобално ниво за сузбивање на ширењето на коронавирусот даваат вакцините кои веќе се аплицираат во некои земји, а во други во тек е дистрибуција на договорените количества според Ковакс системот на Светската здравствена организација. Малигните болни влегуваат во ризичната група која ќе има предност при вакцинирањето кое во Македонија треба да стартува на почетокот на идната година.

– Ковид вакцините кои се создадени на база на РНК се безбедни за луѓето. Ние докторите ќе се вакцинираме и тоа им го препорачувам и на моите пациенти, дециден е д-р Васев и не се сомнева во квалитетот и ефикасноста на најавените вакцини против ковид кои преку неколку производители ќе се аплицираат на милиони луѓе во светот.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Скептичност и несогласување д-р Васев има само кон алтернативните терапии кои ги користат дел од неговите пациенти на Онкологија со надеж дека ќе им помогнат повеќе од конвенционалната терапија за малигни заболувања.

-Апсолутно сум против алтернативната терапија што значи да се смени класичната, научно докажана терапија. Комплементарна терапија подразбира додавање на витаминска терапија покрај клиничките лекови и тоа не е забрането. Но алтернативни лекови не треба да се земаат на своја рака. Многу од нив земаат медицински канабис кој им ја смалува болката, ја ублажува, лечи депресија, помага кај некој вид на канцер. Медицинскиот канабис е легален и како комплементарна терапија се употребува, вели д-р Васев.

Поради ковид помалку медицински персонал на онкологија

Во изминатиот период на ковид кризата Институтот кој брои околу 250 вработени се соочуваше и со недостиг на персонал кога дел од медицинскиот кадар мораше да отсуствува од работа поради инфекција од коронавирусот.

– Сега мислам дека притисокот од ковидот опаѓа зошто 2-3 недели немаме заболен вработен. Последно беше заболена една докторка. До  пред две недели имавме 9 вработени заболени од ковид-19. Но сега полека сите се враќаат на работа што значи дека од целиот Институтот од 250 вработени само двајца ќе останат дома. Во наредниот период поради растечкиот прилив на новозаболени од канцер ќе се вработуваат уште лекари и медицински сестри, како и помошен персонал, вели д-р Нино Васев.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Како пациент со канцер неодамна заболев од ковид и уште еднаш се уверив дека медицинските  лица во целиот здравствен систем максимално го даваат својот инпут. Постои дефицит на соодветен кадар и тоа дојде до израз, ни се удри од глава, како што велат старите. Мислам дека конечно треба да им оддадеме почит на медицинските лица на сите клиники кои вложуваат максимални напори, посебно на Онколошката и на Хематолошката клиника, вели Биба Додева.

Околу 200 пациенти со рак во Црна Гора примаат терапија секој ден

Околу 200 пациенти со малигни заболувања, исто така, добиваат некаква онколошка терапија во Црна Гора секој ден за време на пандемијата од ковид-19. Директорот на Институтот за онкологија при Клиничкиот центар (КЦ), Владимир Тодоровиќ, изјави за „Вијести“ дека пациентите со рак имаат поголема веројатност да добијат ковид, особено кога имунитетот е ослабен поради терапија, а доколку се разболат, смртноста од коронавирус е зголемена за околу 20%.

„Поради овој ризик, беа дадени препораки од Здружението на онколози на Европа и Медитеранот, на кои се придржуваме, така што пациентите доаѓаат што поретко во Институтот, се префрлаат на таблетарна терапија и лекување и се во комуникација преку интернет со нивниот онколог. Овој вид работа го има и на нашиот Институт “, посочи Тодоровиќ.

Бројот на лица заразени со ковид по август почна значително да расте, така што имаше заразени пациенти и вработени во Институтот за онкологија. Во моментов, на Институтот нема листа на чекање за каква било постапка, односно нема чекање за зрачење, хемотерапија, имунотерапија …

Пациентите со малигни заболувања во текот на летото не можеа да направат скрининг прегледи во Центарот за нуклеарна медицина, бидејќи не беше можно да се транспортира радиоизотопот со авион. Тодоровиќ рече дека веднаш по поставувањето за кратко време ги повикале сите пациенти за да ги завршат потребните прегледи.

Институтот за онкологија работи без застој од избувнувањето на епидемијата на коронавирус, во март годинава. За време на пандемијата беа извршени само итни онколошки состојби, додека одредени операции на тумори на дојка, дебело црево и урологија беа одложени, што е препорака на странски центри, па пациентите добија дополнителни терапии.

Речиси 3.000 луѓе заболуваат од рак во Црна Гора секоја година, додека околу 1.400 умираат.

 


Приказната за влијанието на пандемијата врз туризмот е создадена во соработка со дневниот весник „Вијести“ од Црна Гора и „Слободен печат“ од Северна Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот