Николоски во Советот на Европа: Македонците во Бугарија гледаат надеж во Стразбур за почитување на нивните права

Со години Бугарија одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права кои што се однесуваат на Македонците. Овие пресуди мора да се спроведат, порача Николоски во Стразбур.

Советот на Европа ги повикува земјите членки да ги преземат сите неопходни чекори брзо да ги спроведат конечните пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), во согласност со јасните безусловни обврски содржани во член 46, став 1 (Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во споровите во кои се странки) од Конвенцијата за човекови права.

Овој повик е дел од Предлог резолуцијата за Европската конвенција за човекови права и национални устави за која се расправаше попладневно на пленарна седница на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур.

Членките на Советот на Европа исто така се повикуваат да ги почитуваат времените мерки на Европскиот суд за човекови права, во согласност со обврските што произлегуваат од член 34 од Конвенцијата. Во овој член стои: „Судот прима жалби што му ги доставуваат физички лица, невладини организации или група поединци кои се сметаат за жртва на повреда на правата признаени во Конвенцијата или во нејзините протоколи што ја извршила една од Високите страни договорнички. Високите страни договорнички се обврзуваат со никаква мерка да не го спречуваат ефикасното вршење на ова право”.

Што се однесува до националните судови, во Предлог резолуцијата се поттикнува „меѓусебно разбирање, меѓусебно почитување и судски дијалог меѓу националните и европските судови, особено во однос на уставните одредби”.

Во однос на овие точки обраќање имаше пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ кој е член на македонската парламентарна делегација во ПССЕ. Говорејќи за меѓусебната поврзаност на улогите на Европскиот суд за човекови права, националните уставни судови и Судот за правда на ЕУ, рече дека „човековите права во Европа не се тринасочна улица туку улица во еден правец”.

Николоски во обраќањето посебно се осврна на случајот со Бугарија, која, како што рече, не ги почитува обврските како земја членка на Советот на Европа.

-Со години Бугарија одбива да ги спроведе пресудите на ЕСЧП. Има 16 пресуди на Судот кои што се однесуваат на Македонците во Бугарија, а кои не се спроведени. На Македонците им е забрането да го користат и да го учат нивниот мајчин јазик, им се забранува правото на здружување, како и учество на избори. Овие пресуди мора да се спроведат. Националниот устав и суд не можат да бидат над пресудите од Европскиот суд за човекови права, рече Николоски.

Според него, домашните институции не успеале да ги заштитат човековите права на Македонците во Бугарија, па тие во Стразбур ја гледаат својата надеж за почитување на основните човекови права.

Николоски, меѓу другото, побара „потврд вординг“, односно формулација и подиректно барање земјите како Бугарија целосно да го прилагодат својот политички систем во согласност со Европската конвенција за човекови права и да ги почитуваат човековите права и правата на анционалните малцинства, вклучувајќи ги и Македонците.

-Бугарија е многу гласна за случаи надвор од своите граници, но со години не спровела ниту една пресуда на ЕСЧП. Ова не е прифатливо, изјави Николоски.

Тој во обраќањето уште додаде дека целосното почитување на Конвенцијата и националниот уставен поредок не е антитетичко, туку целосно комплементарно. Според него, ПССЕ треба да размисли дека приоритет во Советот на Европа треба да биде засилувањето на правниот и моралниот авторитет на Конвенцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот