Никој не сака да биде лекар во селска амбуланта

Скопје, лето 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Граѓаните кои живеат во руралните средини се потешко доаѓаат до основни здравствени услуги. Во голем дел од руралните места воопшто и нема општ матичен лекар, што жителите на овие места ги приморува да патуваат и по десетици километри за да добијат примарна здравствена грижа.

Таков е примерот со селото Бузалково, велешко, каде со години нема матичен лекар. Таму живеат околу 2.500 жители, главно од албанска националност. Но, не се единствените кои едвај чекаат во нивното село да се отвори амбуланта. Таков е примерот и со селата Извор, Иванковци, Мариовскиот регион, и други.

Претседателката на здружението на матични лекари, Лилија Чолакова Дервишова, во изјава за „Слободен печат“ вели дека мора државата да даде стимулативни мерки за лекарите и медицинските сестри кои работат во рурални средини, дури и со креирање на нови здравствени политики.

– Ние како здружение алармираме за креирање здравствени политики кои ќе овозможат решавање на проблемот со недостиг на лекари во руралните средини. Време е да се формираат нови закони за потребите на народот. На пример, мора да се размисли за правилото да мора да има 500 пациенти за една ординација да добие дозвола за работа. Во некои села дури и нема толкав број на жители. Тогаш настанува проблемот. Наш предлог е да се здружат повеќе ПЗУ и да ротираат низ соседните села, за што би требало и да се обноват медицинските пунктови, вели Чолакова.

Недоволната мотивација на лекарите и медицинските сестри да работат во село, исто така претставува проблем.

– Финансискиот надоместок на лекарот треба да биде издржив. Капитацијата во вредност од 63 денари е недоволна, особено на толку мал број пациенти. А, би требало да се наградат и медицинските сестри. Од друга страна, без разлика колку пациенти има една амбуланта, истата треба да биде опремена со опрема за работа,  која чини средства. Јас имав средба со министерот за здравство на кого му предложив да се ангажираат младите лекари во руралните амбуланти, како  што беше практика во минатото, пред 30 години. Сега веќе младите лекари веднаш сакаат да специјализираат, а дел од нив не ги познаваат општите медицински проблематики и имат потешкотија да постават обична дијагноза, објаснува претседателката на здружението на матични лекари, објаснува Чолакова.

Во моментов руралните амбуланти добиваат од 80.000 до 90.000 месечен надоместок по основ на руралност.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот