Никогаш Северна, никогаш САМО Македонија!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Имам пријатели од Северна, имам пријатели и од Никогаш Северна. Не се согласуваат едни со други. А седиме со семејствата, се дружиме со години. Саглам домаќини. Но кога ќе дојдеме до таа тема, за гуша се фаќаме. Што од чашка две во нас што од идеолошки разлики. Но од утредента пак заедно. Знам не сме само ние така. Секаде е исто. Се расправаме за да се убедиме едни со други што е поарно за сите нас, за државата. Зашто сме патриоти. Нема некој што не ја сака татковината. А како поинаку. Сме се родиле тука, деца сме пораснале. И нашите татковци и дедовци и прадедовци ( и бабите). Едните биле комити, другите партизани, останатите биле обични селани, мнозина биле и граѓани. Но секој на своето. Некој со мотика на рамо, некој со пенкало на увце, а некои со игла во раката. Разлики имало и ќе има. Но она што боли до коска се обвинувањата. Предавници! Па кому бе ти предавник мамето твое! Кој те научи така да с*реш! Ти иде да им ги скршиш забите.

Ама така ако почнеме треба секој ден едни со други да се млатиме по улиците, по кафеаните, на пазар, во гранап, на свадби и веселби, на погреби и родендени. Победник не ќе да има во таа какафонија. Сепак овие од Никогаш Северна треба да разберат: прво никогаш не вели никогаш, тоа е старо докажано правило. Второ, велат Никогаш Северна, САМО Македонија. Лажат, или ги лажат како мали дечиња. Ако ја „тргнеш“ Северна, никогаш нема да добиеш САМО Македонија. Такво нешто никогаш и не постоело. Ќе го добиеш она што со децении го имавме и од што овие од Никогаш (као) се срамеа – ФИРОМ. Значи за САМО Македонија не се изборија ни за десет години. Трето, кога ќе дојдат „нивните“ на власт ќе си легнат како попчиња на брашното како и оние од Неа Демократиа и ќе си владеат со Северна Македонија. Ќе патуваат службено и приватно како Северна Македонија. Ќе ги примаат по европските салони како Северна Македонија. Ќе добиваат грантови како Северна Македонија. Дали и тогаш приврзаниците на Никогаш ќе викаат Никогаш. Или ќе си молчат и ќе најдат некое безвезно оправдување дека, ете морале така зашто, нели штетата е веќе направена. Е **би га.

Уште нешто за „предавниците“. Колкумина се? Половина од целиот народ? Третина? Четвртина? Десетина? Доволно за да имаат право на мислење и доволно за да носат одлуки, користејќи го правото што го има мнозинството од популацијата што излегува на гласање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот