Никогаш не се дозна што се случило со летот МХ370 на Малезија ерлајнс, семејствата на исчезнатите сега бараат отштета

Семејствата на исчезнатите од авионот МХ370 на Малезија Ерлајнс бараат отштета / Фото EPA-EFE/ANDRES MARTINEZ CASARES

Судот во Пекинг денеска започна со сослушувањата на семејствата на кинеските патници кои бараат отштета за членовите на семејството исчезнати на летот МХ370 на Малезија ерлајнс во Индискиот Океан пред речиси една деценија. Повеќе од 150 кинески државјани биле на летот од Куала Лумпур до Пекинг на 8 март 2014 година. Во авионот имало 227 патници и 12 членови на екипажот.

Малезиските истражители не ја исклучуваат можноста авионот намерно да излетал од курсот, а она што се верува дека се негови остатоци се појавиле на бреговите на Африка и на островите во Индискиот Океан. Роднините на исчезнатите сега бараат компензација од Малезија ерлајнс, производителот на авиони Боинг, производителот на мотори Ролс-Ројс и осигурителната компанија Алијанц, меѓу другите.

Судот не објави детали за правната постапка, но државните медиуми објавија дека секој од над 40-те членови на семејствата бараат од 10 до 80 милиони јуани, што е помеѓу 1,4 и 11,2 милиони долари. Носејќи написи на кои пишува „продолжете со потрагата“ и „вратете го меѓународниот истражен тим“, портпаролот на семејството Џианг Хуи рече дека „Малезија ерлајнс“ не им оставила избор и дека единствената опција им била да одат на суд.

„Нивниот став е „ние веќе не сме одговорни“, рече Џијанг, чија мајка била на летот. Голем број полицајци беа надвор од судницата во округот Чаојанг во Пекинг пред почетокот на судењето, а беше поставен кордон меѓу новинарите и членовите на семејството.

Дел од семејството подоцна разговараше со новинарите, велејќи дека сакале да ја продолжат потрагата по исчезнатиот авион и директна комуникација од авиокомпанијата со нив, како и психолошко советување. Друга група членови на семејствата ја повикаа малезиската влада во март да и дозволи на американската компанија „Оушн Инфинити“ да започне нова истрага за летот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот