Нигер им нареди на американските војници да си заминат откако го повлече договорот за воена соработка со САД

Нигер го повлекува договорот за воена соработка со Соединетите Држави и нареди околу 1.000 американски војници стационирани во земјата да ја напуштат нивната територија, што е зачудувачки развој на настаните кој доаѓа откако американските власти минатата недела отпатуваа во главниот град Нијамеј за да ја „истакнат својата загриженост“ за приближувањето на Нигер кон Русија и Иран, соопшти Пентагон.

Владејачката воена хунта во саботата го отповика големиот договор познат како договор за статусот на силите, кој им дозволува присуство на американските сили во Нигер.

Претставниците на администрацијата на Бајден се свесни за ова и „работат преку дипломатски канали за да бараат разјаснување“, изјави за новинарите заменик-секретарот за медиуми на Пентагон, Сабрина Синг.

Минатата недела, делегација од Вашингтон во која беа помошникот државен секретар за африкански прашања Моли Фи, помошникот секретар за одбрана за меѓународни безбедносни прашања Селест Валандер и шефот на американската команда за Африка, генерал Мајкл Ленгли, се состана со официјални лица со Националниот совет на Нигер за Заштита на татковината.

– Делегацијата на САД беше таму за да искаже голем број на загрижености. Бевме вознемирени на патот по кој оди Нигер. И така, ова беа директни и искрени разговори за да ги имаме лично, да разговараме за нашите грижи и да ги слушнеме и нивните“, рече Синг.

Синг рече дека официјалните лица „искажале загриженост за потенцијалните односи на Нигер со Русија и Иран.

Претставниците на администрацијата на Бајден, исто така, алармираат дали Нигер е блиску до договор да му се даде на Иран пристап до резервите на ураниум, објави „The Wall Street Journal“.

Иднината на американското воено присуство во Нигер е доведена во прашање откако воената хунта кон крајот на јули го стави претседателот на земјата во домашен притвор и ја презеде контролата врз владата.

Стејт департментот, кој официјално не го прогласи преземањето за државен удар до октомври, ја намали американската помош во земјата, но сепак дозволи хуманитарна помош. Вашингтон, исто така, ги прекина безбедносните операции во Нигер, каде што американските сили во голема мера помагаат во антитерористичките напори во регионот против исламистичкиот бунт.

– Американското присуство на територијата на Република Нигер е нелегално“, изјави воениот портпарол на Нигер, полковник Амаду Абдраман на националната телевизија, пренесе „Њујорк Тајмс“. Тој, исто така, рече дека присуството на американски војници „ги прекршува сите уставни и демократски правила, кои бараат од суверениот народ – особено преку неговите избрани функционери – да се консултира за инсталирање странска армија на нејзина територија“.

Развојот на настаните сега е голем неуспех за напорите на САД во Сахел, каде што пред само шест години беше отворена база од 110 милиони долари во северниот дел на Нигер, користена за летање дронови за надзор.

Прогласеното исфрлање на американските трупи од страна на Нигер, исто така, следи откако Франција исто така ги повлече своите сили од земјата минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот