Несовесни граѓани го полнат со ѓубре најголемиот канал во Струмица

Најголемиот отворен канал во Струмица, што поминува долж улицата „Крушевска Република”, постојано е полн со ѓубре кое го фрлат несовесни граѓани.

Иако струмичкото комунално претпријатие редовно го чисти и го одржува, сепак грдата слика е многу честа во овој дел од градот.

-Екипа од Одделението „Комунална хигиена” при ЈКПД „Комуналец” почна со редовното зимско чистење на каналот долж улицата „Крушевска Република”. Со оваа акција се отстранува исушената вегетација и се чисти разновидниот отпад фрлен во него. Овој канал редовно се чисти и се одржува, но по нашето заминување несовесни граѓани веднаш почнуваат да фрлаат ѓубре, велат од струмичкото комунално претпријатие.

Оттаму апелираат, посебно до граѓаните кои живеат покрај каналот, отпадот да не го фрлаат во него, туку да се обратат во Центарот за грижа на корисници на телефонскиот број 13-110 кој работи 24 часа и на кој сите граѓани можат да ги пријават сите дефекти на водоводната и канализационата мрежа, како и проблемите од јавната чистота.

Од „Комуналец” додаваат дека на број можат да се јават и сите граѓани кои имат потреба од подигање на шут, градежен отпад, гранки од дрвја и друг цврст отпад.

Инаку, каналот долж улицата „Крушевска Република” поминува низ централниот дел од градот Струмица и е еден од главните реципиенти за атмосферски води. Ги зафаќа водите од сливните подрачја над градот, како и дел од водите од урбаниот дел, кои преку атмосферските колектори се испуштаат во него и завршуваат во рeката Тркајна.

Неодамна Општината почна со бетонирање на делницата од поројот „Крушевска Република” надвор од урбаното градско подрачје. Со тоа беше означен и почетокот на подготовките за покривање на најголемиот отворен канал во Струмица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот