Неизвесност во „Еуроникел“ откако комбинатот го купи Комерцијална банка

Кавадаречки „Еуроникел“ има нов газда откако најголемиот доверител Комерцијална банка ја купи фабриката за 37,9 милиони евра. Дали тој ќе ја продаде на турска компанија?

Турската компанија „Јилдирим“ е заинтересирана за купување на комбинатот за никел „Еуроникел индустри“, а поранешен „Фени“, кој во моментов е во сопственост на Комерцијална банка, дознава Фактор.

Кавадаречки „Еуроникел“ има нов газда, откако најголемиот доверител Комерцијална банка ја купи фабриката за 37,9 милиони евра. Ова е епилогот од лицитацијата на имотот на поранешно „Фени“, која се одржа токму по барање на банката.

Долгот што „Еуроникел“ го имаше кон оваа банка за земен, а невратен кредит, сега, преку хипотека, се претвори во сопственички удел. Банката ја потврди информацијата.
„Според член 158 од Законот за хартии од вредност, Комерцијална банка АД Скопје известува дека на 11.12.2023 година во постапка за присилна наплата на побарувања од должникот ‘Еуроникел индустри’ ДОО с. Возарци Кавадарци, Банката се стекна со сопственост врз недвижен и подвижен имот за вкупна цена од 37.897.993 евра.“

Синдикатот на „Еуроникел индустри“ или поранешно „Фени“, прати писмо до Комерцијална банка, со барање за детали околу иднината на фабриката. Претседателот на синдикалната организација Миле Ѓорѓиев појасни за МИА дека го пратиле писмото, со оглед на тоа што банката како претходен најголем доверител, станала сопственик на недвижниот имот и на опремата на комбинатот.

– Од претставници на банката ни беше кажано дека имаме заеднички интерес најодговорно да се чува имотот. Банката била во сериозни преговори со заинтересиран инвеститор, кој во секој момент треба да даде одговор за преземање на фабриката. Исто така, ни беше кажано дека банката прави напори за поврат на ДДВ, со цел да се земе октомвриската плата. Но, ни беше кажано дека доколку банката наскоро не добие позитивен одговор за преземање од инвеститор, нејзе ѝ се потребни околу 40-ина луѓе за понатамошно одржување на имотот – рече Ѓорѓиев.

Затоа писмено побарале одговор, што со останатите вработени ако не се најде инвеститор.

– Ни беше кажано дека банката од сопствени средства платила струја до 15 декември и ако има потреба, дека ќе обезбеди струја за уште одреден период за да се зачува вредноста на нејзиниот имот, а и ние како вработени да имаме надеж дека заинтересираниот инвеститор ќе ја купи фабриката и дека ние ќе бидеме дел од неа, бидејќи без вработени што ќе му е опрема – нагласи претседателот на Синдикатот.

Ѓорѓиев прашува што ќе се случи со останатите вработени ако не се најде инвеститор, со оглед на тоа што фабриката има околу 800 работници.

Тој додава дека вработените немаат земено плата за октомври и ноември 2023 година, а од декември 2023 година немаат ниту здравствено осигурување.

– Бараме, како што имате обезбедено струја, со цел да не дојде до обезвреднување на имотот што имате намера да го продадете, а ние вработените да го чуваме, да се обезбедат итно средства од ваша страна да се исплати плата за октомври, а со тоа да се добие здравствено осигурување за декември. Доколку до крајот на месецот не најдете инвеститор да се обезбедат средства и за плата за ноември, како ние би имале здравствено осигурување за јануари 2024 година? – прашуваат од Синдикатот.

„Еуроникел“ веќе неколку месеци е во криза и не произведува откако сопствениците од бахамската компанија „Џи Сол“ кренаа раце од неа.

На веб-страницата на „Јилдирим груп“ може да се најде дека нејзините основи датираат од 1963 година, кога покојниот Гарип Јилдирим основал скромна компанија за трговија со градежен материјал. Од своето основање, Групацијата континуирано го проширува својот фокус преку нови подружници, преку претприемништво и постојани иновации, еволуирајќи во индустриски разновидна група компании, како и во една од најбрзо растечките турски индустриски групи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот