НБРМ: Банкарскиот сектор е стабилен, донесена е одлука за натамошно зајакнување на отпорноста

НБРСМ / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од 2023 година. Исто така, Советот донесе одлука за ново зголемување на стапката на противцикличниот слој за превентивно делување и понатамошно јакнење на отпорноста на банките.

Во Извештајот се оценува дека банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, додека стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за справување со можните шокови.

„Окружувањето во коешто работат банките се карактеризира со постепена стабилизација на ценовниот раст и поволен девизен пазар, но и натаму има ризици и неизвесности, главно предизвикани од надворешните фактори. Поради тоа, во Извештајот се нагласува потребата за натамошно внимателно следење на ризиците како од страна на банките, така и од страна на Народната банка и доколку е потребно, преземање мерки. Во вакви услови, банките и натаму непречено ги извршуваат банкарските активности, иако се бележи извесно забавување на кредитната и депозитната активност, но растот сѐ уште е солиден. Поволни промени има кај валутата и рочноста на депозитите. Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување, при што стапката на адекватност на капиталот достигна 18,4%, што е највисоко ниво за изминативе седумнаесет години“, информираат од НБРСМ.

Кредитното портфолио на банките е со добар квалитет и засега не се забележуваат знаци за позначително остварување на кредитниот ризик, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8% е на нивото на историскиот минимум.

Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, којашто ги вклучува податоците за третиот квартал од 2023 година, вклучително и најновите показатели, како што информираат од НБРСМ, советот на Народната банка донесе одлука за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во  Македонија за 0,25 процентни поени, од претходно утврдените 1,25% на 1,5%, применлива во првиот квартал од 2025 година. Заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, при неостварување на ризиците во билансите на банките и солидна профитабилност, Народната банка во неколку наврати во текот на 2023 година го зголемила нивото на противцикличниот капитален заштитен слој.

Советот на Народната банка разгледа и повеќе други прашања поврзани со работењето и тековните активности на централната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот