Научниците направија електронска таблета која го блокира стомакот и го регулира гладот

Фото: Принтскрин/MIT

Истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс развија електронска таблета која може да ги пробие моќните нерви кои ја сочинуваат „оската стомак-мозок“ и која еден ден би можела да се користи за лекување на сè – од анорексија до дебелина и дијабетес, пишува freethink.com.

Гастроинтестиналниот тракт е обложен со повеќе од 100 милиони нерви, познати како ентеричен нервен систем (ЕНС). Овој систем е толку сложен што го добил прекарот „втор мозок“.

Додека ЕНС автономно го контролира варењето, без делување на мозокот, овие два системи комуницираат еден со друг, користејќи мрежа од хемиски и електрични сигнали познати како „оска стомак-мозок“.

Кога, на пример, нашиот стомак е празен, ендокрините клетки на ЕНС почнуваат да го ослободуваат хормонот грелин, кој потоа патува низ крвотокот до нашиот мозок, испраќајќи му сигнали дека сме гладни.

„Оската стомак-мозок“ влијае на многу повеќе нешта од гладот ​​и варењето. Истражувањата го поврзуваат со дијабетесот, нарушувањата на расположението, когнитивните процеси и со уште многу други работи.

Истражувачите од МИТ сега развиваат таблета која испраќа електрични импулси и ги стимулира ендокрините клетки во желудникот да го активираат ослободувањето на грелин – ова потенцијално може да им помогне на луѓето со медицински состојби кои предизвикуваат гадење или губење на апетит, како што се рак или анорексија.

Тие веќе ја тестирале електронската таблета на свињи и во рок од 20 минути по голтањето, животните имале зголемено ниво на грелин во крвта. Таблетата го напуштила стомакот на свињите по еден ден и била излачена во рок од две недели без никакви несакани ефекти.

„Колку што знаеме, ова е прв пример за користење на електрична стимулација преку уред што се голта за да се зголеми ендогеното ниво на хормони во телото, како што е грелинот“, рекол Халил Рамади, еден од водечките коавтори на студијата.

Електронската таблета создадена од истражувачите на МИТ има внатре батерија од еден долар (која веќе е одобрена од американската Администрација за храна и лекови за употреба во други направи што се голтаат), која испраќа електрична енергија преку ситни електроди на површината на таблетата.

За да се обезбеди правилен контакт со ткивото на желудникот, истражувачите додале жлебови на површината на таблетата кои ја одвлекуваат течноста од електродите – инспирација за ова решение била, всушност, австралиската водена агама, чија долга, шилеста грпка помага да се ослободи водата од нејзината кожата.

„Таа површина може да управува со течноста која потенцијално би можела да ги спречи електродите да го допрат ткивото во желудникот, за да може со сигурност да испорача електрична стимулација“, објаснува Џејмс Мекреј, еден од водечките автори на студијата.

Во моментов, електронската таблета на МИТ работи постојано, но истражувачите велат дека идните верзии би можеле да се вклучуваат и исклучуваат безжично. Тие, исто така, веруваат дека е можно да се измени таблетата за да се решат други проблеми за кои е клучна „оската стомак-мозок“, како што се дебелината и дијабетесот.

„Покажавме еден од примерите за тоа како можеме да влијаеме на слузницата на желудникот и да ослободуваме хормони, а очекуваме да се користи и на други места во гастроинтестиналниот тракт што овде не ги истраживме“, нагласува менторот на студијата проф. Џовани Траверсо.

Бидејќи уредот е релативно едноставен, професорот Траверсо верува дека нема да биде потребно да помине долго време за да се добие одобрение за клинички испитувања. Тимот на МИТ се надева дека тестирањето на луѓе би можело да започне најмногу за три години.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот