Народна банка: Ги разгледуваме можностите за тргување со рубли

Рубљи/ ЕПА

Од Народната банка велат дека во изминатите години, прометот со руската рубља на домашниот девизен пазар беше незначителен

Народна банка со внимание ги следи состојбите на меѓународните пазари на валути и ги разгледува можностите, во случај на потреба, за тргување со рубли, изјавија за „Слободен печат“ од Народната банка по објавата на официјална Москва дека идните испораки на гас ќе бидат во нивната национална валута.

– Во изминатите години, прометот со руската рубља на домашниот девизен пазар беше незначителен – велат од НБ.

Во однос на курсот на рубљата, од Народната банка велат дека важи последно објавениот од Европската централна банка. По овој курс, една рубља е 0,5264 денари.

– Со Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народна банка е дефинирано дека Народна банка формира средни курсеви за странските валути коишто се утврдени во Курсната листа. Средните курсеви за странските валути се користат за книговодствено искажување на побарувањата и обврските изразени во странски платежни средства согласно со прописите за сметководствено работење и за потребите на платниот биланс. Согласно точка 4 од Одлуката, средните курсеви за останатите валути од Курсната листа, освен за средниот курс на денарот во однос на еврото, се пресметуваат врз основа на дневните референтни курсеви на еврото со останатите валути, објавени од страна на Европската централна банка. Врз основа на соопштението од Европската централна банка од 2 март, 2022 годин дека не е во позиција да го објавува референтниот девизен курс на руската рубља во однос на еврото поради тековно недоволниот обем на тргување и во согласност со Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Северна Македонија, Народната банка на Република Северна Македонија информираше дека среден курс на денарот во однос на руската рубља е последно објавен на курсната листа со важност од 2 март, 2022 година – изјавија од Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот